ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од прилепското населено место Канатларци денеска со пригодна програма го одбележа својот патрон празник. На приредбата учениците подготвија повеќе точки, прво ги запознаа присутните со ликот и делото на Светите Браќа, а потоа следуваа рецитали, песнички како и презентација на традиционални песни и ора. Инаку ООУ „Св. Кирил и Методиј“ и вистински пример за соживот во Македонија, тука наставата се изведува на два јазици, македонски и турски.
„Денеска го прославуваме патрониот празник на нашето училиште и ги славиме светите браќа Кирил и Методиј. По тој повод сакам на сите вработени и ученици да им го честитам овој ден. Нашето училиште во текот на последнава година имаше многу важна цел, нашите ученици беа вклучени во голем број важни активности се со цел подигнување на нивото за заштита на животната средина. Во нашето училиште остварени се и реализирани голем број на проекти од кои како најважен ќе го споменам отворањето на градинката, која не само што го опслужува селото Канатларци туку и другите околни населени места“, истакна Влатко Кузманоски, директор на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ н.м. Канатларци.
Во наредниот период било предвидено во ова основно училиште да се изврши негово комплетно препокривање и да се изгради повеќенаменско игралиште во училишниот двор.
„Како локална самоуправа традиционално сме тука да го честитаме патрониот празник на ова училиште. Исто така сакам да најавам дека и во наредниот период ќе се инвестира во ова училиште, се со цел да се добијат подобри услови за учење и работа. Особено нас не радува фактот што во ова училиште наставата се одвива на два јазика, македонски и турски. Покрај тоа што ќе се инвестира во централното училиште, исто така планирани се и одредени инвестиции и во подрачните училишта кои што се во состав на ова училиште и тоа во населените места : Ерековци, Подмол и Бонче“, истакна Марјан Матракоски, советник за образование во Општина Прилеп.