Одбележан Европскиот ден на јазиците во ООУ “Гоце Делчев“- Прилеп

Во рамките на одбележувањето на Европскиот ден на јазиците – 26 септември, под мотото “Креирање ѕид на јазиците“, денес учениците од ООУ “Гоце Делчев“- Прилеп под менторство на наставниците по македонски јазик и странски јазици: англиски, француски и германски јазик, организираа креативна работилница за промовирање на јазичната разноликост.

Во работилницата беа вклучени ученици од одделенска и предметната настава, кои креираа знамиња на земјите од Европа, како и пораки со поздрави на повеќе европски јазици меѓу кои и македонскиот јазик, истакнувајќи ја различноста на јазиците, како и важноста на учење и познавање на други јазици и култури, со кои може да се воспостават нови мостови на меѓусебна соработка и почитување.

Низ цела Европа, 800 милиони Европејци застапени во 47 земји-членки на Советот на Европа се охрабрени да учат повеќе јазици, убедени дека јазичната разноликост е алатка за постигнување на поголемо меѓукултурно разбирање и клучен елемент во богатото културно наследство на нашиот континент.

На иницијатива на Советот на Европа, Стразбур, Европскиот ден на јазиците се прославува секоја година од 2001 година на 26 септември.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.