Ситуацијата во Ракометниот клуб Прилеп го достигна следното ниво. Откако новиот градоначалник на Прилеп му соопшти на претседателот на клубот дека Општината веќе нема да го спонзорира клубот, дојде редот на претседателот на клубот да им ја соопшти оваа одлука на ракометарите и да им ја објасни целата ситуација во клубот. А, ситуацијата во клубот е далеку од добра, Прилеп во моментов се наоѓа многу блиску до клуч на вратата, напиша вчера порталот g-sport.mk, како и повеќе други спортски портали.
Дознаваме дека Претседателот на клубот Александар Мариновски вложил големи напори клубот да го доигра барем есенскиот дел од сезоната, иако работната атмосфера била нарушена повеќе од еден месец.
И благодарение на него заедно со играчите и тренерот, не се дозволи срам и блам за да ниедна утакмица не заврши со 10-0 и одземање на бодови од салдото.
Со ваквите случувања клубот кој пред една година се натпреваруваше во ЕХФ купот против швајцарски Винтертур, и после долги години донесе меѓународен натпревар во градот под “Марковите Кули”, му се заканува целосно згаснување.
Голем број млади ракометари кои во клубот растеа и се развиваа во врвни ракометари, кои со сигурност ќе бидат дел од идните ракометни репрезентации, ќе бидат скратени во играчкиот раст и остануваат без иднина.
Повеќе од овие млади ракометари беа носечки столб во играта на клубот во изминатата полусезона, а нивната игра и стекнато знаење беше клучно за многу освоени бодови и во минатите сезони.
Ракометот во Прилеп беше возобновен во 2010 година, сега ракометната авантура се ближи одново кон крајот, а прилепчани ќе останат гладни да го гледаат својот омилен клуб.