ОДЛУЧЕНО: ”ОБРАЗОВЕН БУНТ” на 17 јануари-со право бараат повисоки плати?!

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) денеска најави дека на 17 јануари, во пет минути до 12 часот, ќе одржи јавен предупредувачки протест пред Владата на Република Македонија.

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија во повеќе наврати оваа година јавно на прес – конференции реагираше на нефункционирање на социјалниот дијалог и партнерство на сите нивоа, воедно и на кршење на Уставот на РМ, Законот за работни односи, закони на дејностите, општите колективни договори, гранските колективни договори, поединечните колективни договори, како и одредби од меѓународни конвенции кои ги има ратификувано Република Македонија.

Исто така КСС реагираше за вршење на разни облици на притисоци исто така на сите нивоа врз синдикални претставници и членови на синдикатот, преку изрекување на казни и откази од работа, што кулминираше со отказот на Претседателот на КСС, Благоја Ралповски, со што јасно се праќа порака дека со најекстремни методи се обидуваат да го загушат синдикалното движење. КСС за овие случаи постојано ги известуваше меѓународните организации каде што членува, како и Меѓународната организација на труд, но и покрај нивното укажување, по писмен пат и со непосредни посети, дека грубо е прекршена Конвенцијата на МОТ, бр. 87, за слободно здружување и заштита на правата за организирање, од месец во месец, од ден во ден се повеќе се зголемуваа притисоците.

Повеќе пати предупредивме дека ќе преземеме радикални, синдикални мерки и еве сега изјавуваме дека времето истекува.

Конференцијата на КСС која што е највисок орган меѓу два Конгреса, донесе одлука за ЈАВЕН ПРЕДУПРЕДУВАЧКИ ПРОТЕСТ, кој ќе се одржи на 17.01.2018 година пред платото на Владата на Р.Македонија со почеток во 5 минути до 12 часот.

БАРАЊА НА КСС ДО ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

– Веднаш да престанат притисоците врз вработените во јавниот сектор, а особено притисоците врз синдикалните претставници и обидот за загушување на синдикалното движење.

– Веднаш да се пристапи кон усогласување на платите во јавниот сектор согласно зголемувањето на минималната плата од Октомври 2017 година.

– Веднаш да започнат преговори за зголемување на платите во јавниот сектор без дискриминација на одредени дејности.

-Веднаш да започнат преговори за измена и дополнување на Општиот колективен договор за јавниот сектор со цел подигнување на работничките права во делот на минат труд, правото на регрес за годишен одмор и породилното отуство.

– Задолжително да се усогласуваат барањата за платите во јавниот сектор помеѓу репрезентативните синдикати и Владата, пред секое планирање на Буџетот на Р.Македонија.

– Веднаш, а најдоцна до 16 јануари 2018 година, Претседателот на Владата на Република Македонија или од него овластени претставници да организира работна средба со раководството на КСС, со цел на договарање на заеднички решенија за надминување на состојбите кои се причина за организирање на ЈАВНИОТ ПРЕДУПРЕДУВАЧКИ ПРОТЕСТ.

Сакаме да ја искажеме нашата спремност и истрајност дека ништо нема да не поколеба, ниту најекстремниот обид за спречување на овој протест затоа што нашето членство е спремно и овој момент да излезе на улица.

Ги повикуваме сите синдикати, како и други граѓански и невладини организации со свои претставници да учествуваат во Јавниот предупредувачки протест по основ на солидарна поддршка.

 

Извор: KСС.мк




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.