ОЈО тврди дека работи на кривичната против Мухиќ, Мисовски, Џафери и 64 други пратеници: Одреден е надлежен обвинител, прибираме докази во предистражна постапка

Од Обвинителството не прогнозираат како ќе течат работите, кога и каква разврска може да се очекува, само велат дека постапиле соодветно на барањето за итно постапување во кривичната пријава наспроти сомнежите во јавноста дека оваа пријава никогаш нема да биде реализирана, пишува Дневник.

ojo-640x494

Основното јавно обвинителство определило надлежен обвинител во врска со кривичната пријава против пратениците Ферид Мухиќ, Горан Мисовски, Талат Џафери и уште 64 други за нелегалниот избор на претседател на Собранието на 27 април. Моментално обвинителот работи на прибирање докази во предистражна постапка. Пријавата ја поднесе Здружението на граѓани за почитување на прописите од Битола, пишува Дневник.

– Во оваа фаза не можеме да ви откриеме кој обвинител е надлежен, само можеме да ви кажеме дека се работи на прибирање докази во предистражна постапка – велат од ОЈО за „Дневник“.

Не прогнозираат како ќе течат работите, кога и каква разврска може да се очекува, само велат дека постапиле соодветно на барањето на подносителот во кривичната пријава, во случајот претседател на здружението – Васко Kостески.

Во образложението на пријавата се инсистира Обвинителството итно и во најкус можен рок да ја процесира, поради тоа што изборот на Талат Џафери за собраниски претседател е нелегален и доколку не се оспори, може да повлече други нелегални дејства. Kривичната пријава е поднесена поради основано сомнение дека пратениците извршиле неколку кривични дела од Kривичниот законик: велепредавство, злоупотреба на службената должност, противзаконско посредување, лажно претставување, самовластие, фалсификување службена исправа и уште неколку други дела.

– Задачата на Обвинителството нема да биде лесна, сепак се работи за пратеници, кои, сигурен сум, ќе ја искористат својата политичка моќ за да го спречат процесот, но ситуацијата е јасна, кривичните дела се направени – изјави Kостески за „Дневник“ ден по поднесувањето на кривичната пријава во ОЈО.

Во образложението на кривичната пријава под секој од првите тројца пратеници стои „искористувајќи ја својата службена положба и овластувања, ги пречекори границите на своето службено овластување и спротивно на позитивните законски норми заедно со други лица импровизира одржување седница на Собранието на Република Македонија“. Во текстот се наведени и имињата на сите 67 пратеници од парламентарното мнозинство. Меѓу другото е наведено и дека докази за нелегалноста на седницата постојат, а дополнителни Обвинителството може брзо да прибави, со извршување увид на документите изготвени за време на изборот на Џафери, документите испратени до „Службен весник“, како и преку директните сведоштва на претседавачот Трајко Вељаноски и генералниот секретар на Собранието.

Извор: kurir.mk




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.