Денеска во Прилеп, во големата сала во зградата на локалната самоуправа, беа доделени нови 67 решенија за легализација на дивоизградените објекти. Инаку Прилеп е лидер во Македонија во легализирање на дивоградбите. До овој момент легализирани се околу 9.000 објекти од ваков карактер.
„Имаме легализации на куќи, на викендици, правни субјекти и други објекти кои влегуваат во овој закон. Прилеп е лидер во Македонија во однос на легализацијата на дивоизградени објекти. Ова е еден од најубавите закони што било која Влада ги има донесено, затоа што се исправа една голема неправда, тука има луѓе кои после децении конечно ги легализираат своите објекти. Со исто темпо ќе продолжиме и понатаму, имајќи во предвид дека би се продолжиле мандатите на градоначалниците и советите, со цел непречено да се одвива овој процес кој е од голем интерес и важност за нашите граѓани. Со легализацијата граѓаните не само што стекнуваат имотен лист за својот посед туку исто така се олеснува урбанизацијата и се оленува процесот за нови инвестиции во градот и отворање на нови работни места“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Опфатени се барањата на граѓаните поднесени во 2011 година како и дел од барањата кои се однесуваат на 2016 година од продолжениот рок. Во 2011 година беа поднесени 15.367 барања за легализација, а во 2016 година 3.077 барања.
Реализацијата на проектот во 2016 година во Општина Прилеп беше над 60 проценти кога во декември истече крајниот рок за поднесување на елаборатите за барањата поднесени во 2011 година, како едни од најглавните документи за решавањето на овие предмети. Краен рок пак за поднесувањето на елаборатите за барањата поднесени во 2016 година е крајот на оваа година.
До крајот на законскиот рок се очекува реализацијата на проектот да биде околу 80 % и да бидат решени околу 14.800 барања на граѓаните. Успешната реализација на овој проект се должи пред се на добрата организација на секторот за урбанизам во Општина Прилеп и брзата изработка на елаборатите од страна на приватните катастри.