Косовскиот заменик премиер Енвер Хоџај, на владината седница во петокот минатата недела информирал дека Владата на Република Македонија побарала помош од Косово за имплементација на двојазичноста во институциите во Македонија, по усвојувањето на Законот за употреба на јазиците.
За среќа на нашите власти, Косово било подготвено да помогне и да понуди поддршка.
За потребната помош од Албанија и Косово зборуваше и вице премиерот Бујар Османи, кој гостувајќи во албанска телевизија рече:
“Ако некогаш Албанија и Косово интервенирале за политичките права на Албанците, сега Албанија може да влијае за подигнување на квалитетот на албанското образование. Ќе го донесеме законот за употреба на јазиците, тоа ќе биде голем предизвик за нас Албанците од Македонија што подразбира употреба на албанскиот јазик во сите централни институции, во Влада, Собрание, во министерства секаде каде што се Албанците во Македонија, и имплементацијата на овој закон ќе бара многу човечки ресурси, луѓе што знаат да го употребуваат стандардниот албански јазик, и Албанија и Косово можат многу да помогнат, рече тогаш Османи”.
Според најавите тоа ќе значи дека 130.000 административци треба да се подготват за обуки по албански јазик кои ќе следуваат.
Дури и администрацијата во Прилеп, град во кој речиси и да не живее албанско население ќе треба да се подготви за имплементацијата на овој закон и да овозможи негово непречено спроведување.
Владата очигледно не ја интересира колкави финансиски импликации ќе предизвика донесувањето на овој Закон и колку тоа ќе ги чини по џебот граѓаните.
Останува да видиме дали административците во државните институции ќе имаат долго и напорно лето справувајќи се со курсево по албански јазик.