Мицкоски: Прво убиство во Македонија на човек активно вклучен во изборната кампања, нервозата на СДС е видлива

Овие избори за жал ги одбележува едно грозоморно убиство. Носителот на листата советници во Кичево, Алит Абази подлегна на повредите во огнената престрелка која што се случи минатата недела. Ова убиство се одвива кога политичката кампања е во полн ек, вели генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Почина сограѓанин Албанец, кој беше вклучен и водеше политичка кампања. Има огромна црна дамка. Ова е прво убиство во Македонија на човек активно вклучен во изборната кампања и човек кој е на советничка листа. Ова се најлошо организираниот изборен процес досега. И овој грозоморен инцидент не е единствениот. Во периодот на политичката кампања имаме пукање, физички напад и пукнат череп на друг кандидат за градоначалник, полициска тортура врз кандидат за градоначалник, запалена куќа од причини кои еве се уште не и се познати официјално на полицијата, искршени штабови на повеќе опозициони партии, учество на членови на општински изборни комисии во политичката кампања на Социјалдемократскиот сојуз, политичка хајка преку монтирани кривични пријави против градоначалници и што уште не, рече Мивкоски.

Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека ова лудило мора да престане и дека прашање на време е кога ќе се случи и најлошото, да биде одземен човечки живот. Еве и тоа се случи.

-Институциите на власта демонстрираат неспособност да обезбедат мирно и фер спроведување на предизборниот период. Тие се најповикани за тоа, а во нивни раце се и механизмите за обезбедување на редот. Загрижувачки е што во дел од случаите тие се и активен учесник во целиот процес на нарушувања на изборниот процес. Ова ли е животот кој премиерот Зоран Заев го ветуваше? Повикуваме што побрзо расветлување на сите инциденти и сериозни нарушувања на изборниот процес. Правдата мора да биде задоволена. Видлив е стравот и нервозата во редовите на СДС од изборниот пораз. И ќе порачам дека ваквата неспособност ќе биде победена. Народот во огромно мнозинство ќе излезе и ќе ги казни за се она што го прават во државата. ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, ќе победи народот кој добро знае што се случува. Мора да се стави крај на ова, сите заедно Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, сите сложно да ставиме крај на ова дивеење, помрачување и враќање во времињата на криминалот од 90-тите години. На Македонија и треба ново утро, нови победи, потенцираше Мицкоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.