Мега интервју на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за “Република”: Македонија доби криминален картел на власт

Во мега интервју за Република со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Кристијан Мицкоски зборуваме за најжешките теми и прашања. За економијата, за информациите за криминал во владата, за спорот за името и политичкиот терор, како што велат од опозициската партија.

Неодамна во една преписка со премиерот Зоран Заев кажавте дека имате информации за криминал на владата и дека тоа не може да се сокрие, на што точно мислевте?

Мицкоски: Неспособноста да се реализираат проекти, хаотичноста и штетните потези во економијата се само едниот сегмент, но правењето криминал станува главна дејност на владата. Неодамна се сретнав со еден познат бизнисмен кој речиси триесет години опстојува и води повеќе компании. Вели: „Па вака како што се краде сега, не се крадеше ниту во транзицијата, нема институција која не е гнила и каде нема да ти побараат мито за да завршиш работа“.

И навистина. До нас стигнуваат бројни документи и информации за криминал кој се реализира на повеќе нивоа низ ешалоните. Обични граѓани доаѓаат и сведочат за голготата низ која минуваат за обични работи што треба да ги завршат. Бизнисмени сведочат за криминални дејства, но и луѓе од институциите со кои раководи Владата. Тие ни даваат информации и велат ваков грабеж немало досега. Ние прецизно прибираме и многу набрзо ќе ја информираме јавноста.

Дел од нашите сознанија веќе објавивме. Јавноста ќе дознае како се поништува активен тендер за ископ на јаглен во ЕЛЕМ и наместо да се избере втората најдобра понуда, се прави нов тендер со цена повисока за еден милион евра, притоа се пропишуваат услови кои може да ги исполни само една фирма во државава, па откако ќе стане очигледно дека се фатени во тесно, прават преправање на огласот и лажат за тоа. Ќе дознае и како, во друг случај, фирмата на партиски функционер на партијата на власт добива тендери од државна институција притоа со пропишани услови кои само неговата фирма може да ги исполни. Како се прави набавка на храна во одредени установи по двојно повисоки цени за да ги добие фирма блиска до власта. Како, во четврти случај, се прават милионски набавки во четири очи во здравството за тендерите да ги добие една компанија која е во најтесни врски со директорка на една од клиниките. Како се склучуваат договори за привремени вработувања со фирми блиски до власта и ред други случаи во кои постојат основани сомневања за криминал.

Најголемиот бран на сомнителни договори е по укинувањето на Советот за јавни набавки што го направи оваа влада. Сега никој нема контрола, што е можност во четири очи да се договараат тендерите. Зошто криминалот станува основната дејност на владата? Бидејќи знаат дека кратко ќе траат и наместо на работа, се фрлија на сомнителни бизниси и криминогени активности, бараат можност како може во овој кус период да се наполнат џебови и за народот ништо да не остане. Народот наместо ветениот живот доби криминален картел на власт.

Владата се пофали дека економијата е заздравена и дека Светската банка предвидува раст во наредниот период. Вашата оценка за економијата?

Мицкоски: Ќе ви кажам и за прогнозата, но најнапред да искоментирам за една друга појава. Наместо да имаме здрава дебата за проекти во економијата, за создавање на услови и подобра клима за бизнис, ги гледаме како првите луѓе на економија, министерот за финансии Тевдоски и вицепремиерот Анѓушев водат дебата за тоа колку поголеми даноци да наметнат, а згора на тоа премиерот Заев вели дека убавината била во тоа што имале различни мислења. Јас не гледам во што е убавината тука, што народот ќе плаќа повеќе и во првиот и во вториот случај? Неспособноста да создадат здрава економија ќе ја плаќаат граѓаните и од својот џеб ќе ја покриваат буџетската дупка која владата не знае како да ја пополни.

Што се однесува до извештајот на Светска банка, го толкуваат искривено и свесно занемаруваат одредени сегменти. Доколку се погледне внимателно, ќе се види дека откако Македонија заврши со нула раст наместо со пет проценти раст како што ветуваше владата, Светска банка ја намали прогноза за раст на БДП за Македонија за 2018 година од 3.2 проценти на 2.3 проценти. Причините за ова треба да се бараат директно во владата. Прво, потпросечното ниво на капитални инвестиции, за што повеќе пати предупредував, и второ што воопшто нема странски инвестиции. Светска банка тврди дека во периодот од 2017 до 2020 година растот ќе биде околу два проценти, што е далеку под ветувањата на владата.

Згора на сѐ, владата го зголеми државниот долг и се обидува да го сокрие тоа од јавноста. Велат дека долгот е 38,7 проценти, а тој реално изнесува 40,7 проценти.

 

Целото интервју на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Хрисија Мицкоски, прочитајте го ТУКА




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.