Она што јас денеска го доживеав да не му се случи на никого, ни на душман, така велат старите. Маж ми дојде кај мене во спална и ми кажа: Крсте го приведоа, низ солзи раскажува мајката на пратеникот Крсто Мукоски, еден од приведените 36 лица се гонат за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ во врска со настаните кои се случија на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија.
-Јас станав, не знаев ни кај да одам, затоа што не го очекував тоа. Очекував дека ќе биде повикан на сослушување, да даде изјава, но не на ваков начин, мислев дека согласно закон ќе добие покана, ќе појде во суд, ќе даде изјава. Син ми не е некој да напушта територија, да бега од државата, да мора да се приведува како терорист, тој не е терорист. Делото е квалификувано како тероризам, но тоа е нешто најстрашно, тоа е нешто што син ми не би го направил никогаш, раскажува мајката на Мукоски и додава:
„Јас се гордеам на син ми и не се срамам за тоа што е приведен, а тој сигурно не го сторил делото по негови искази. Горда сум што сум негова мајка, тој е татко на 4 малолетни деца, трет мандат му е во Парламентот, секогаш се борел за татковината, така е и воспитан, патриотски, да си ја сака татковината, да си го сака народот, да стори добро за татковината, а не лошо“.
Тоа, вели неговата мајка, што им се ставија вакви дела како одговорност за тероризам, терористите кои што 2001 година знаеме што сторија во Македонија, беа ослободени, беа амнестирани, тие што вршеа убиства на наши луѓе, а сега нашите деца ќе бидат терористи.
-Не знам како сето ова ќе излезе на крај, но мислам дека има поштен народ во Македонија и дека ќе го цени сето ова. Јас сум многу возбудена поради начинот на притварање, поради квалификацијата на делото, на сите тие постапки, но мислам дека чесниот народ во Македонија нема да го замолчат на овој начин. Никако, никако нема да го замолчат, потенцира мајката на пратеникот.