Денеска дворот на манастирот Св.Илија, во с.Витолиште ги собра Мариовците на старото огниште, во Мариово, каде со песна, оро и презентирање на традиционалните мариовски носии и јадења, се одржаа 33-ти по ред Мариовско – Мегленски културни средби во организација на Здружението „Мариовско мегленски средби“ – Прилеп, под покровителство на Општина Прилеп и Минстерството за култура. На манифестацијата настапија КУД од Прилеп, Битола, Новаци, Крушево, Кавадарци како и ансамблот на Стевче Стојкоски од Скопје. Програмата, со хумор и сатира од мариовскиот крај, ја надополнија актерите од прилепскиот театар, а писатели од Друштвото на писателите на Македонија, кои на претходно објавен конкурс од страна на здружението „Мариовско-мегленски културни средби“ беа наградени, прочитаа своја поезија.
- Мариовксо – мегленските културни средби преставуваат една од многуте културни настани кои локалната самоуправа ги поддржува – рече грдоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески – Целта на манифестацијата е промоција на Мариово, за луѓето од регионот и од другите градови од Македонија и надвор од неа, да се запознаат со убавините на овој крај, со неговата богата традиција, култура и историја. А, дека се средбите успешни говори присутвото на 100-тици луѓе кои пристигнаа да бидат дел од овој настан. Ние како локална самоуправа во текот на годината организираме и дргуги настани во овој крај, мариовската тура со велосипедизам, џип турата „Мариово„ планинарења, излетнички тури…, но тоа не е доволно за промоција на Мариово.Треба да работиме и на други форми, кои што овој крај би го презентирале пошироко како еден од најчисите и нејеколошките региони во Македонија, погоден за развој на руралниот туризам – рече, Ристески.
Целта на одржувањето на Мариовско – Мегленски културни средби е негување на фолклорното и културното наследство на регионите, зближување на населението од двата региона на Мариово и Меглен, средба на лица кои се иселиле од регионот, како и остварување на културна размена во пошироки рамки рече претседателот на здружението „Мариовско-мегленски културни средби“ Стојан Ѓуроски.
- Во иднина планираме, сонуваме и си поставивме како задача овие Мариовско – Мегленски културни средби да се одржат и во Меглен и да соработуваме и со други здруженија надвор од границите на Македонија, кои ги негуваат овие културни, традиционални вредности – рече Ѓуроски.
Во духот на традицијата на Мариовско-мегленските културни средби беше поставена и изложба на народни носии и рачни изработки, карактеристични за овој мариовско крај кои ги презентираше Здружението на жени „Мајка Традиција“.
- Целта е да се зачуваат мариовските носии, килими и везаниците, кои ги изработувавме ние, нашите мајки и баби. А, в година, планираме во овој манастир да отвориме и етно соба за да ги изложиме и јавно овие традицонални експонати од мариовскиот крај – рече претседателката на Здружението на жени „Мајка Традиција“, Љубица Петреска.
Мариовско – Мегленските културни средби завршија со дружба и општонародна веселба во дворот на манастирот Св.Илија, која траеше до доцните попладневни часови.