Лубениците скапуваат, земјоделците се жалат, Владата глува на барањата

Земјоделци од село Зубово, струмичко се жалат на слабиот откуп и ниските цени за лубеницата која деновиве се движела од 2,5 до 3 денари по килограм. Велат дека и поради топлото време и ограничениот откуп, лубениците скапуваат на нивите.

zemjodelci

-Тука сме во атарот на село Зубово. Откупот е ограничен. Лани се товареше повеќе, а цената се движеше од 6,5-7 денари по килограм. Сега ситуацијата е катастрофална. Гледам дека Владата ветува нешто, но не знам како и дали ќе го исполнат тоа. Два денари по килограм, а многу земјоделци ги продале лубениците по 4 денари, што значи нема да земат од поддршката, рече Трајко Новков, земјоделец од село Зубово.

Со неговиот став се согласува и Горан Котев од село Зубово. Вели, дека оваа ситуација може да ги поколеба земјоделците догодина да не засадуваат лубеници.

lubenici

-Состојбата со откупот на лубеницата е драматичен. Откуп има, но не доволно за да се продадат сите количини. За предлогот на Владата нема што да кажам, два денари за фактирурани продадени количини, а што ќе биде со овие лубеници кои скапуваат по нивите. Решение или до година земјоделците ќе се откажат од производство на бостан, или да има некакво обештетување, рече Котев.

Според нив, дневно од Зубово, каде што има три откупни пунктови, се продаваат до 100 тони лубеница. Велат, дека проблеми има и на откупните центри во Колешино и другите подбеласички села.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.