Вчера во срцето на Скопје беше отворен нов ЦЕНТАР БАР кој се наоѓа на ул. Димитрие Чуповски, веднаш до Стопанската комора на Македонија, односно поранешното место на Мекдоналдс.
Инвестицијата на Кожувчанка ДОО-Кавадарци е во вредност од 350.000 евра и овозможи 26 нови вработувања.
Од Менаџерскиот тим на Кожувчанка велат дека овој ланч бар ќе биде класична пивница во центарот на Скопје и задоволство им претставува меѓусебната соработка со Стопанската комора на Македонија.
-Во оваа пивница за прв пат скопјани ќе можат да пробаат свежо пиво, а со помош на германската технологија и франшиза со покровителство на Синалко ја добивме како идеја и две години ја лансираме на пазарот и сега од тука почнуваме да го пробиваме во Скопје, потенцираше генералниот директор на Кожувчанка Митко Јанчев.
Тој се заблагодари и на Стопанската комора која им овозможила да го добијат овој објект како и на германската абасадорка со која имаат одлична соработка.
-Поводот е повеќе од очигледен, денеска сме тука на отворање на еден бар каде што ќе се служи за прв пат свежо точено пиво во Македонија, срдечна благодарност за поканата навистина сум среќна што можам да учествувам на ова отворање. Сакам да ја истакнам големата благодарност до господинот Јанчев и извонредната соработка помеѓу Кожувчанка и нас и многу добро се сеќавам кога стапив на оваа функција во Македонија, една од првите фирми кои ги посетив беше токму фирмата Кожувчанка во Кавадарци, вели германската амбасадорка во Македонија, Кристине Алтхаузер.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија и честиташе на фирмата Кожувчанка која е респектабилен член на Стопанската комора на Македонија.
-Ние им дадовме стар објект од социјализмот на една фирма која е создадена во капитализмот и го споивме искуството и младоста и затоа таму каде што се спојуваат искуството и младоста секогаш има успех. Чест ми е што овој објект го отвора господинот Јанчев и неговата фирма која што сигурно нема да биде нивниот последен инвестиционен објект, истакна Азевски.
Новина со отворањето на овој Ланчбар-Центар бар е мотивацијата за служење на свежо и точено македонско пиво токму на ова место.