Фудбалската репрезентација на Македонија, вечерва во Хаифа против Израел ќе го одигра седмиот натпревар во квалификациите за Светското првенство 2018 во Русија.
Со подмладен состав во кој се вклучени неколкумина играчи од младата селекција која летово настапи на Европското првенство за играчи до 21 година во Полска, селекторот Игор Ангеловски ќе се обиде да им се реваншира на Израелците на поразот во Скопје со 2:1.
Дуелот Израел – Македонија кој е во рамките од Г групата ќе започне од 20:45 часот, термин во кој ќе се игра и дербито на колото меќу Шпанија и Италија, додека претходно (18 часот) ќе играат Албанија – Лихтенштајн.
На првите две места на табелата во оваа група се Шпанија и Италија со по 16 бодови, пред Албанија и Израел кои имаат по 9, додека Македонија има 3, а последно пласираниот Лихтенштајн е без освоен бод.
Покрај овие средби денеска ќе се играат и натпреварите во Д и И групите.
Д група: Србија – Молдавија, Грузија – Р. Ирска и Велс – Австрија.
Табела: Србија 12, Р.Ирска 12, Велс 8, Австрија 8, Грузија 3, Молдавија 2.
И група: Финска – Исланд, Украина – Турција и Хрватска – Косово.
Табела: Хрватска 13, Исланд 13, Турција 11, Украина 11, Финска 1, Косово 1.
Со овие средби ќе биде комплетирана седмата рунда во Мундијалските квалификации, а осмата ќе започне веќе утре.