Името, спектарот на употреба, јазикот, идентитетот, трговските употреби, кратенките и акронимите се седумте точки што ги содржи грчкиот предлог на нацрт спогодбата, според весникот „Катимерини“.
Како што јавува дописникот на МИА од Атина, овие впрочем се и точките што самиот Коѕијас ги спомена, во интервјуто за државната ТВ ЕРТ, минатиот месец, кога за прв пат откри дека Грција ќе и достави на Македонија предлог за потпишување спогодба.
Според „Катимерини“, предлогот за решение е комплетен, содржи одговори на сите поединечни прашања што се однесуваат на односите на двете земји, но и за самата перспектива на Македонија во меѓународните организации.
Весникот коментира дека идентитетот и јазикот од македонска страна се опишуваат како точки за кои не се преговара и вели дека едно прашање е дали Заев ќе го прифати предлогот на Ципрас.
„Двете страни се чини дека целосно се согласуваат во однос на временскиот рок, особено за потребата подготовката за одделните делови од договорот да бидат завршени ако е можно во март, а сигурно пред средината на април“, пишува „Катимерини“, пренесе МИА.
Весникот анализира дека и покрај тоа што Атина е против решение во етапи и на делови, сепак, за одредени точки може да има договор, но ќе биде потребно време да се завршат, а како пример ја споменува стандардизацијата ISO 3166-1 за кратенките, кои директно влијаат и на трговските ознаки.
„Секако постојат и одредени детали, како на пример, националната химна на соседната земја, која содржи иредентистички наводи“, пишува „Катимерини“, но додава дека химната е од секундарно значење во преговорите, за разлика од она што се однесува на националноста „што би можело да доведе до пропаѓање на преговорите“.
Весникот споменува дека Македонија, во догледно време ќе треба да ги смени сите државни лични документи како што се лични карти, пасоши и возачки дозволи.