По повод почетокот на новата учебна година градоначалникот на Општина Прилеп, Марјан Ристески, денеска ги посети основните училишта и градинките во населените места Мало Коњари, Големо Коњари, Беровци, Тополчани и Кантларци. Ристески на првачињата им посака многу успех и им подели училишни прибори. При денешните посети исто така беше потенцирано дека во сите училишта во населените места на територија на Општина Прилеп се направени капитални инвестиции кои значајно го подобриле квалитетот за работа и настава. Во дел од овие училиштата се немало воопшто инвестирано над 90 години, како што е училиштето во Големо Коњари.
„Денес дојдовме да го означиме стартот на новата учебна година во населените места. Досега во сите основни училишта во Општина Прилеп се инвестирани околу 12 милиони евра. Една од последните инвестиции беше и реконструкцијата на фасадата, новата кровна конструкција и поставувањето на громобранската заштита на училиштето во Големо Коњари. Да напоменам дека училиштето не беше реконструирано уште од далечната 1924 година, оваа локална самоуправа тука направи доста инвестиции, претходно се промени дограмата и внатрешно комплетно се реконструираше училиштето. Ние нема да запреме тука ќе имаме и наредни проекти, се планира изградба на спортско игралиште во училишниот двор, а во училиштето во Мало Коњари се планира да се воведи систем за парно греење. Во состав на ова училиште започна да функционира и градинка. Што значи дека ние како локална самоуправа водиме грижа и за дечињата кои што се од предшколска возраст. Отворањето на градинките по населените места многу значи пред се за згрижување на овие деца и за нивна поголема социјализација. Наредна градинка која што планираме да се отвори е во Мало Коњари“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
„Нашето училиште сега поседува современи услови и исполнува современи стандарди за одвивање на воспитно образовниот процес. Во овој момент училиштето „Страшо Пинџур“ обезбедува услови од најмала возраст, предшколска, па се до завршување на основното образование“, вели Зоран Петрески, директор на ООУ „Страшо Пинџур“.
И родителите на дечињата се задоволни од овие инвестиции кои ги подобрија условите за учење во образовните установи во населените места.
[Best_Wordpress_Gallery id=”552″ gal_title=”3443″]
„Сега условите се многу подобри, има нова дограма, нова фасада, нов покрив, внатрешно училниците се реновирани и децата сакаат да доаѓаат тука. Има се што е потребно за нормално одвивање на нивната настава“, истакна Елена Клапоска, жител на Големо Коњари.
Во состав на ова училиште функционира и детска градинка, таа е една од 4-те градинки која во последниве неколку години се отвори во населените места во Општина Прилеп. Исто и родителите се задоволни од условите кои ги имаат нивните деца што ги посетуваат градинките.
„Децата се социјализираат, се дружат помеѓу себе, отворањето на градинката е многу добро како за децата така и за нас родителите. Претходно јас го чував моето дете и немав многу време за работа, а сега сум послободна“, вели Бисера Касниоска, жител на Големо Коњари.
„Општина Прилеп на чело со градоначалникот Марјан Ристески несебично се потрудија во последните неколку години да се зголеми капацитетот на детските градинки во Општината. Тоа се случи не само во градот туку и во руралните средини како : Големо Коњари, Беровци, Тополчани и Канатларци“, рече Христина Трпческа, директор на ЈОУДГ „Наша иднина“.
Нови инвестиции при денешната посета беа најавени и во ООУ „Круме Волнароски“ во н.м. Тополчани.
„Како идни проекти кои се планираат тука се реконструкција на фасадата и реконструкција на спортскиот терен во централното училиште во Тополчани, како и реконструкција на таваните и ѕидовите во подрачното училиште во н.м. Старо Лагово. Сите училишта кои се наоѓаат под капата на ова училиште како централно компленто се реконструирани. Досега во овие училишта имаме инвестирано околу 500.000 евра“, додаде Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
„Нашето основно училиште има 8 подрачни училишта. Во изминатиов период со помош на локалната самоуправа се реализираа огромен број на проекти, со тоа што во сите подрачни училишта се изврши комплетна реконструкција на покривите, таваните, внатрешна и надворешна столарија, а се изградија три нови монтажни училишта во Беровци, Галичани и Чепигово кои се опремени според сите стандарди. Исто така во н.м. Беровци се изврши комлетна реконструкција на старата училишна зграда со што се доби комплетно ново училиште“, кажа Дејан Бунтески, директор на ООУ „Круме Волнароски“.
Градоначалникот Ристески новата учебна година им ја честиташе и на 42-те првачиња во ООУ „Кирил и Методиј“ во н.м. Канатларци, каде исто така се направени голем број на инвестиции, а во состав на училиштето работи и детска градинка. Покрај тоа во пресрет на новата учебна година целосно беше променета столаријата во училиштето при што беа набавени нови клупи и столчиња за учениците. Наставата тука се одвива на македонски и на турски јазик.
„Сакам од мое име и името на сите вработени во нашето училиште да им посакам успешна учебна година на сите ученици во нашето училиште, а особено на првачињата. Годинава радува фактот што имаме зголемување на бројот на првачиња – 42. Во иднина колективот на нашето училиште ќе работи особено на зајакнување на соживотот тука, ќе продолжиме со големиот број на активности, а исто така сакам да најавам дека ќе имаме реализација и на два големи проекти, а тоа е препокривање на централното училиште и изградба на повеќенаменско игралиште“, изјави Влатко Кузманоски, директор на ООУ „Кирил и Методиј“ во н.м. Канатларци.