КОГА ИСУС ИСПУШТАЛ ДУША СЕ СЛУЧИЛЕ ПОВЕЌЕ НАДПРИРОДНИ ФЕНОМЕНИ:И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела, од горниот крај до долниот, и земјата се затресе и карпи паднаа и гробови се отворија и многу тела на упокоени светии воскреснаа

Денот на Христовото воскресение Велигден е не само најголемиот туку и најстар христијански празник што се празнува од вториот век. Тој е суштината на Христијанството, потврда и на самата вера зашто како што рекол Свети Апостол Павле: „Ако Христос не воскреснеше празна ќе беше и нашата вера”.

Исус Христос и се јавил во едно такво пресудно време кога зацарувале неморалот и расипништвото и кога човештвото се нашло на беспаќе. Но наместо да биде прифатен и величан од страна на тој од Бога избран еврејски народ, тој ист народ за него побарал распнување како за најголемите разбојници. Зошто Исус не бил разбран и не бил прифатен?

Еврејскиот народ кој со помош на Бога се ослободил од египетското ропство западнал под друго ропство – римското. Тој народ очекувал водач силен и агресивен кој ќе го поведе во борба за слобода. Исусовото учење имало друг карактер, тој проповедал друг пат до слободата и вечниот живот.Нашиот народ со подолги подготовки и со посебна возбуда го пречекува овој празник. Сепак со Велигден се поврзани помалку обичаи отколку, да речеме, со Божик или со Ѓурѓовден. истражувачите на овие обичаи сметат дека причина за тоа е фактот што Велигден не е поврзан со одреден датум како што е тоа случај со споменатите и некои други празници, туку секоја година го менува датумот.

На овој празник му претходат долгите Велигденски или Велики пости кои што траат цели седум недели не сметајќи ги Сиропусната недела која е една недела пред Прочка и Месопусната недела една недела пред неа. Во текот на овие Велигденски пости преку самоконтрола, преку разни самоодречувања, откажување од телесни задоволства, од обилна и пред се мрсна храна, преку контролирање на страстите, откажување од веселби, песни и сл. човекот во страдањата се доближува до својот Спасител, за со примањето на чесната причесна на самиот ден Велигден рано наутро да се идентификува со него, јадејќи ја нафората што го претставува Христовото тело и пиејќи го виното што ја претставува неговата крв.Велигден е центар на повеќе празници познати како празници со непостојан датум или како циклус велигденски празници.

Нивните датуми кои што се менуваат секоја година се зависни од Велигден и се определуваат откако ќе биде одреден неговиот датум. Прочка или Проштени поклади е секогаш седум недели пред Велигден, Првата сабота по Прочка е Тодорова сабота (Тодорица), неделата пред Велигден се Цветници саботата пред Цветници е Лазарева сабота (Лазарица), четириесет дена по Велигден, и секогаш во четврток е Вознесение (Спасовден), десет дена по него или педесет по Велигден е Духовден (Педесетница). Самиот чин на воскреснувањето на Исус Христос им дава смисла и на некои други празници од христијанскиот календар како што се Божик (денот на Христово раѓање) потоа Светото Благовештение (Благовест) Преображение, Крстовден и др.

Последната недела од Велигденските пости што значи неделата пред Велигден се вика и Велика и Страстна недела, а народот ја вика и Глува недела. Сите денови од оваа недела се викаат Велики. Свети Јован Златоуст вели дека оваа недела не се вика Велика затоа што деновите во неа се помногубројни или поголеми туку затоа што во неа Господ направил големи дела: разрушено е царството на ѓаволот, уништена е смртта, победен е гревот, симнато е проклетството, отворен е рајот и небото им станало достапно на луѓето.

На тој начин луѓето се соединиле со ангелите, урнат е и отстранет преградниот ѕид и Богот на мирот ги измирил небесното и овоземното. Пораснувањето на популарноста на Исус, масовно посетените и со интерес слушани проповеди уште повеќе ги налутиле властите, фарисеите и книжниците кои решиле по секоја цена да го фатат и да го казнат. Но чекале погодна прилика зашто тоа можела да го разгневи народот кој во него гледал не само учител туку и пророк. Особено што доаѓал големиот празник Пасха кога Ерусалим бил преполн со народ, а народот бил во посебно расположение. „Само не на празникот, за да не стане бунт во народот”, велеле тие.

Погодна прилика не им се укажала ниту во понеделникот ниту во вторникот. Дури во средата еден ученик Исусов по име Јуда Искариотски дошол кај фарисеите им понудил да им го предаде Исус за 30 сребреници, скоро безначајна сума. Исус знаел што ќе се случи поради што ги повикал своите ученици на заедничка вечера во четвртокот навечер.

На оваа т.н. Тајна вечера Исус им укажал на учениците негови дека еден од нив ќе го предаде што кај сите предизвикало изненадување. Исто така на оваа тајна вечера Исус ги благословил виното и лебот со што ја востановил и светата причесна. По вечерата Исус заминал во Гетсиманија, место во близината на Ерусалим, а Јуда веднаш отишол кај првосвештениците за да им го предаде. Тие испратиле вооружени војници, а Јуда им рекол да го фатат оној што тој ќе го бакне. „Кога ќе го целивам, Он е фатете го”, им рекол. По фаќањето Исус бил одведен кај Кајафа. Тука бил испрашуван за неговото учење, но тој ништо не скривал зашто тоа било јавно.

Бил обвинет за неморал, за лажно учење и за бунтување на народот. А кога потврдил дека тој е Исус синот Божји, првосвештениците сметале дека ја заслужил смртната казна. Но бидејќи на смрт можеле да судат само римските властодршци утрото Исус врзан го испратиле кај управникот на Јудеја Понтие Пилат. Но тој знаел дека Исус е приведен од првосвештениците од завист и не сакал да го казни. А кога разбрал дека Исус е од Галилеја рекол дека тамо управник е Ирод кој во тој момент бил во Ерусалим и дека тој треба да му суди. Но и Ирод не нашол вина па пак го вратил кај Пилата. Во тоа време имало обичај секоја година на празникот Пасха управникот да ослободува по еден затвореник што ќе го побара народот.

Пилат го прашал народот кого да го ослободи, но народот заведен од првосвештениците побарал ослободување за Варава, најголемиот злосторник, а распнување за Исус. Тогаш Пилат предавајќи им го Исуса зел вода и си ги измил рацете пред народот велејќи: „Невин сум за смртта на овој праведник. Мислете му вие”.Исус го мачеле, врз грбот му ставиле голем дрвен крст кој требало да го носи до Голгота местото каде што требало да биде распнат. Му ставиле и венец од трње на главата, и му се потсмевале со зборовите: „Радувај се царе јудејски”. Бил распнат заедно со двајца разбојници, а кога војниците го заковувале на крстот тој се молел за нив: „Прости им Господе не знаат што прават”.

Кога Исус испуштил душа се случиле повеќе натприродни феномени. „И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела, од горниот крај до долниот, и земјата се затресе и карпи паднаа; и гробови се отворија и многу тела на упокоени светии воскреснаа”. Денот кога Исус бил мачен, распнат и кога починал бил петок. Затоа освен Велики овој ден се вика уште и Распет петок.За да не стои телото на Исус на крстот двајца негови ученици Јосиф и Никодим побарале дозвола од Пилат да го симнат и да го погребат. Бидејќи претстоел големиот еврејски празник Пасха, Пилат кому не му била чиста совеста во врска со смртта на Исус им дозволил да го погребат.

Според обичаите тие го завиткале во платно го намачкале со мириси и го погребале во семејната гробница на Јосиф во која дотогаш никој не бил погребан. Гробот го затвориле со тежок камен. На погребот присуствувале и Марија Магдалена и Марија мајката на Јаков и Јосија.Еврејските првосвештеници го знаеле претскажувањето на Исус дека на третиот ден по умирањето ќе воскресне.

Поради тоа го посетиле Пилат и побарале дозвола пред гробницата да стават стража за да не се случи учениците негови да го украдат телото и после да шират вести дека воскреснал. На тоа Пилат им рекол: „Имате стражари, одете и направете како што знаете”. Првосвештениците го запечатиле гробот и оставиле стражари пред него. Но кога осамнала неделата земјата се затресла и стражарите се исплашиле. Силна светлина ја осветлила Голгота и го најавила воскресението.

Исус се појавил како богочовек со што го потврдил своето учење. Потоа слегол ангелот од небото и го отстранил каменот од отворот на гробот. Но тогаш Исус веќе бил воскреснат, нему не му било потребно некој да му го отвори гробот, тоа било направено за другите да се уверат во вистината.Марија Магдалена прва дошла на гробот на Исус. Кога го видела гробот празен многу се исплашила и загрижила и отрчала да ги викне Петар и Јован кои веднаш дошле но го нашле само платното во кое било завиткано неговото тело и крпата за лице внимателно здиплена. Откако Петар и Јован заминале Марија седнала покрај гробот и тивко плачела.

Во тоа време забележала човечка силуета што не можела да ја познае поради утринскиот мрак. Помислила дека е градинарот Јосифов и му се обратила: „Господине, ти ако го зеде кажи ми каде го сокри и јас ќе го најдам”. Во тоа време чула глас: „Марија”! и го познала гласот на Исус. „Учителу!”, извикала таа и потрчала да му ги прегрне нозете но тој и рекол: „Не допирај се до Мене, оти уште не сум се вратил при мојот Отец; туку отиди при браќата мои и кажи им: се враќам при Својот Отец и при Вашиот Отец, при својот Бог и при вашиот Бог”. И исчезнал. Марија станала и среќна отишла кај учениците и им кажала дека го видела Господа и што и рекол.Утрото и други жени дошле на гробот според обичајот да го намачкаат телото со мириси.

Но и тие нашле само празен гроб, а ангелот им ја кажал вистината: „Зошто го барате живиот меѓу мртвите? Он не е овде а воскресна; сетете се како ви рече кога беше уште во Галилеја”, говорејќи дека Синот Човечки треба да биде предаден на луѓе грешници и да биде распнат, и на третиот ден да воскресне”.Откако се случил овој настан стражарите дотрчале кај првенците и ги известиле. Но овие им дале многу пари за да не ја кажуваат вистината туку да велат дека учениците го украле телото додека тие спиеле. Истата вечер Исус им се јавил на своите ученици. Тие биле затворени во една соба плашејќи се од Јудејците.

Одеднаш се појавил Исус и ги опоменал да не се плашат, а потоа им ги покажал своите нозе, раце и ребра за да ги увери дека е тој. Потоа побарал и храна и ја изел за да ги увери дека не е привидение. Од учениците тука не бил само Тома кој подоцна кога му кажале дека го виделе учителот не им верувал. Оттука останала и изреката „Неверен Тома”.Исус им се јавувал на своите ученици 40 дена по воскресението кога се вознесол на небото. Затоа на четириесет дена по Велигден се празнува Вознесение Христово или Спасовден.

До овој празник се чувствува свечената велигденска атмосфера, а луѓето се поздравуваат со велигденскиот поздрав: „Христос воскресе” и си отпоздравуват со: „Воистину воскресе”. Во народното верување Велигден и Божик се двајца браќа. Божик постар и поскромен, Велигден помлад и фодул. Божик како домаќин гледал да е полна трпезата: „Ако се боси нозе под трпеза, само да е цело прасе на трпеза”. Затоа луѓето гледаат за Божик да заколат прасе и трпезата да е полна со разновидна храна. Велигден пак како млад гледа да е убаво облечен и да излезе на оро. Затоа за Велигден се купува нова облека, а бидејќи тие што не ќе се подновеле плачеле останало да се вели: „Велигден е плачко”.

Велигденските јајца се вапсуваат со црвена боја за која се смета дека ја симболизира Христовата крв. Но и инаку црвената боја е боја на радоста, оптимизмот и на животот воопшто. На овој ден јајцата се вапсувале и со други бои, зелена, сина и тн. (жолтата се одбегнувала како еврејска боја) но и тогаш првите јајца се вапсувале црвени. Обичај било и јајцата да се шараат со разни техники со листови од растенијата, со срма и мониста со восок и тн. На јајцата се цртале разни шари но се пишувале и разни имиња и поздрави на младите вљубени. Се пишувало и: Честит Велигден, Христос воскресе и тн.Легендата вели дека црвените јајца заедно со поздравот „Христос воскресе” прво ги употребила Марија Магдалена.

Таа секогаш ги слушала проповедите на Исус, прва дошла на неговиот гроб во неделата наутро, прва го видела гробот празен, прва го видела и Исуса воскреснат, а по неговото вознесение на небото тргнала по светот за да го проповеда неговото учење, но и вистината за неговата маченичка смрт како и неговото воскресение. Кога стигнала во Рим Марија Магдалена го посетила и императорот Тибериј и подавајќи му црвено јајце го поздравила со зборовите „Христос воскресе”. Со тоа го започнала разговорот со императорот на кого како очевидец му зборувала за Исус и неговите добри дела (лекувањето болни, воскреснувањето мртви и сл.), за неправедното обвинување и маченичката смрт.

Откако ги ислушал убедливите и аргументирани сведоштва на Марија Магдалена императорот Тибериј го нашол за виновен римскиот управник во Јудеја Понтие Пилат, кој иако имал моќ не го заштитил праведниот Исус, поради што за казна го преместил во Галија каде што овој умрел од тешка болест и во царска немилост. За ваквите заслуги на Марија Магдалена светата црква ја прогласила за рамноапостолна и за прва благовесница на Христово воскресение.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.