Интензивно се гради новиот трговски центар во Прилеп

pp2

Во близина на градскиот пазар во Прилеп интензивно се гради новиот трговски центар на „Тинекс“. Според најавите инвестицијата ќе чини околу 2,7 милиони евра, а објектот ќе се простира на површина од 4.300 м2. Трговскиот центар има три целини, подземна гаража со паркинг простор за 60 возила, потоа прв спрат кој ќе биде наменет за „Супер Тинекс“ и кој ќе се простира на површина од 1.200 м2 и третспрат кој ќе биде исто со големина од 1.200 м2 и ќе биде деловен простор кој ќе се изнајмува за угостителски објекти, бутици и слично. Според динамиката на работа се очекува тој да биде готов до крајот на годината.

pp1

„Се планира во овој трговски центар да бидат вработени 100-тина луѓе, објектот ќе располага со подземна гаража за 60 возила, хипер Тинекс маркет, кафетерии, ресторани, отворена летна тераса, продавници на реномирани брендови и друго. Со изградбата на овој трговски центар во многу ќе се придонесе за разубавување на овој дел од центарот на градот, ќе се зголеми неговата атрактивност, а ќе се зголеми и бројот на туристи кои би доаѓале да пазарат тука. По завршувањето на градежните активности на трговскиот центар ќе започнеме со допоплочување и уредување на пешачката улица „Борка Талески“, која се наоѓа пред овој комплекс. Таа сега е намерно оставена во оваа состојба затоа што тука ќе поминуваат камиони и механизација за изградбата на трговскиот центар, а потоа оваа улица ќе прерасне во една навистина прекрасна пешачка зона“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

pp

Од локалната самоуправа најавуваат дека и улицата која поминува позади трговскиот центар, што оди од градскиот плоштад кон музичкото училиште, во иднина ќе прерасне во пешачка зона поплочена со гранитни плочи.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.