Вечерва, понеделник 10 јули во 20.00 часот во галеријата„Борко Лазески“ во ЦК„Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата на цртежи „ПАТУВАЊЕ“ од Кирил Гегоски.
Прилепскиот еминентен уметник ќе се претстави со 20 цртежи создадени изминатиот период.
Податоци за авторот
Кирил Гегоски завршил Училиште за применета уметност во Скопје во 1964 година. Ликовно се изразува во повеќе техники – маслена, акварел, цртеж, графика. Негова преокупација е Прилеп и природата.
„ Гегоски смислата на своето ликовно изразување ја бара во разновидното компонирање на геометриски повлечената линија која не е лишена од сензибилност“.
Остварил студиски патувања во Париз, Венеција, Атина.
Досега реализирал над 50 самостојни изложби во земјата и во странство, како и бројни групни изложби.
Добитник е на повеќе награди за цртеж и за графика.