Министерот за земјоделство во владата на Зоран Заев, Љупчо Николовски, се соочи со револтот на земјоделците.
Тој денес излезе на терен, но производителите на ориз јасно му порачаа дека тој досега ги лажеше и веќе нема да му веруваат. Кога земјоделците сакаа да му постави прашање тој се обиде да избегне велејќи „Мора да одиме“.
Но овие луѓе кои напорно работат сепак му ги посочија проблемите на Николовски иако тој немаше одговор за нивните прашања. Беше затечен што е фатен во сопствените лаги.
-Вие ни рековте дека само што ќе дојдете на власт цената на оризот ќе биде 25 денари арпата, 50 белиот ориз. Тоа е уште една ваша лага! Кажувам пред сите, вие лично на мене ми рековте, истакна еден производител на ориз.
Министерот се обиде да се извлече од ситуацијата негирајќи ги своите изјави, но земјоделците имаа сочувано плакати кои СДСМ ги објави во предизборието и каде им го дава ова ветување.
Друг производител на ориз побара помош од Николовски, но тој немаше одговор.
-Вие ветивте и луѓето стојат зад тоа. Ајде да видиме до кој степен сме дојдени. Ние сме доведени на питачки стап. Се е уништено, се е катастрофално. Срамота е ова што го жнееме да го покажеме како ориз. Срамно и жалосно е тука да се сликаме. Имате ли вие нешто на тоа поле за нас земјоделците да се произнесете, праша друг производител на ориз.
Николовски се обиде да избегне одговор кажувајќи дека кај нив е дојден од друга причина.
-Ние денес сме тука на покана на општината во рамки на оваа значајна и убава манифестација, рече тој.
Соочен со револтот на земјоделците, министерот поставен од Заев на крајот на средбата ги понижи овие граѓани кога со повишен глас им се обрати. По викањето кон нив, само се сврте и си замина.
Извор: Курир