Земјоделците од битолскиот дел на Пелагонија бараат Владата да ја примени поранешната одлука со која увозот на пченицата и брашното се врзуваше со откупот на домашното жито.
Тие очекуваат цената за килограм пченица да не биде под 10 денари.
– Владата да ја примени одлуката донесена пред неколку години од претходната власт со која увозот на пченица и брашно се поврзува со откупот на пченица. Недефинираната цена на пченицата предизвикува несигурност кај земјоделците, истакна претседателoт на Сојузот на земјоделците Вељо Тантаров.
На прес-конференцијата во пелагониското село Новаци, земјоделците нагласија дека жетвата е во полн ек, но поради сушата, приносот е понизок.
Мерката што ја бараат производителите, донесена од претходната власт, дозволуваше увоз на еден килограм пченица за откупени три килограми домашна пченица и увоз на еден килограм брашно за откупени четири килограми домашна пченица. Целта беше пазарна рамнотежа меѓу понудата, односно очекуваното производство и количините увезена пченица и брашно од една, и вкупната побарувачка на пченица од друга страна, како и непречен откуп.