Во главниот град започна да се чувствува магијата на големиот фудбалски спектакл кој следува утре. Скопје пулсира во фудбалскиот дух на Европскиот супер куп. Во пресрет на доаѓањето на европските великани Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, на плоштадот “Македонија” отворена е неутралната фан зона.
Неутралната фан зона денеска и утре ќе биде отворена од 11 до 19 часот. Во 11 часот денеска започна грас-рут турнир помеѓу момчиња кој се организира во склоп на „Трофеј турата“ на Фудбалската федерација на Македонија. Девојчињата кои ќе се натпреваруваат на грас-рут теренот ќе почнат утре во исто време.
На голема бина поставена на плоштад „Македонија“ денеска ќе настапат Симона Попоска, диџеите Матс, Контру и Бранчез, а за утре се најавени настапите на Сара Мејс, диџеј Дела, Брас Брадрс и диџеј Боби.
Сите посетители на неутралната фан зона ќе имаат можност да се фотографираат со трите трофеи на УЕФА, трофеите на Суперкупот, Лигата на шампионите и Лига Европа, а за анимирање и забавување со фановите ќе се погрижи и маскотата на Суперкуп 2017 Скопје. Дополнителни активности ќе бидат организирани и од главните партнери на УЕФА: Пепси, Хајнекен, Мастеркард и Нисан.