Засолништата, градени од воени заробеници по Втората Светска војна, како што биле направени, така останале, без некој да води грижа.
Намената, според тогашната Народна одбрана, била народот да се упати кон скривалиштата по звукот на сирената, во различни интервали и со прекини, прво да означи за каков вид на тревога станува збор (воздушна, хемиско-биолошка, атомска…).
Од НО биле изведени неколку вежби, и на тоа останало. Објектите за заштита се оставени на немилост на времето и на несовесните граѓани.
Со километри долгата мрежа од подземни тунели со влезови и излези на десетина места, на неколку локации се затрупани од одрони од земјиште.
Тоа претставува директна опасност за љубопитните деца или помладите кои од забава влегуваат внатре.
Некогаш на сите влезови имало дебели метални порти. Сега е останата само таа кај старите градски гробишта, и тоа ширум отворена.
Внатре е црна темница од 50 метри се до одронот, кој ја отцепува од останатата мрежа.
Во ваква состојба, засолништата или стручно кажано фортификациските објекти ја губат примарната задача за обезбедување на заштита.
Тие се дисфункционални. Единствена корист имаат жителите покрај влезовите кои го мекнеат тутунот во не толку далечната внатрешност, поради влажноста и температурата.
Доколку сокривалиштата се сигурни од одрони и осветлени, можеби некој претприемач може да ги искористи за одгледување на печурки или нешто друго што вирее во таква средина.
Решение може да се најде, какво и да било, кое, секако ќе биде подобро од сегашната состојба.
Извор: Неделник Зенит