Закупнината на тезгите во Прилеп поскапе за 500%, а 100% повеќе ќе плаќаат и тие кои продаваат од камиони

Фото/ printscreen

Откако неодамна беше покачена цената на сметките за вода, Советот на општина Прилеп денеска изгласа нови давачки кои ќе го оптоварат буџетот на прилепчани. Овој пат на мета беа пазарџиите кои продаваат на малите пазарчиња во Марино Маало, Точика и во близина на театарот, кои наместо сегашните 500 денари закупнина за тезга, ќе плаќаат 3000 денари месечно.

„Досега цената била 500 денари, а денеска советниците од мнозинството од владеачката партија донесоа одлука да бидат покачени за фантастични 500%. Од денес оние локални земјоделци кои остваруваат егзистенција на овие дисперзирани пазари ќе треба да плаќаат за 2.500 денари поскапи услуги како месечен надомест.

Ќе напоменам од 500, колку што се плаќало досега, на 3.000 денари. Се надевам дека градоначалникот, кој не беше денес присутен на седницата на Советот, ќе излезе и јавно ќе ја образложи и објасни на граѓаните оваа нивна одлука.

Бидејќи доколку имале ваква стратегија и план требаше пред изборите да им кажат за овие планови на граѓаните дека планираат поскапување на овие услуги за фантастични 500%“, истакна Петар Ристески, координатор на на советничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Повисока цената и за продавачите на земјоделски производи од камиони.

„Исто така се покачени и услугите за продажба на земјоделски производи од камион. Досега немало категоризација, денеска се воведоа прва и втора категорија. Досега се плаќало 5.000 денари за камион.

Втора категорија се донесе одлука да плаќа 7.000 денари, што е за 50% зголемување на постоечката цена, и за прва категорија 10.000 денари што е за 100% зголемување од постоечката цена.

Почитувани сограѓани, со ваквите одлуки се стимулира сивата економија, но и ќе направи уште поголем проблем во редот и хигиената во градот. Сведоци сме во изминатите години со доста возила, камиони кои продаваат земјоделски производи на различни места и улици низ градот.

Со оваа одлука за зголемување на овие цени сега тоа ќе биде уште повеќе и навистина не сакам да верувам, но ќе се создаде уште поголем хаос.

И потенцирам доколку градоначалникот и советниците имале ваква намера да ги зголемуваат цените на услугите на јавните претпријатија, требаше јавно да излезат и тоа да го кажат пред изборите, па после да видевме дали граѓаните ќе гласаа за поевтини цени, или за повисоки како што е сега, а не да се ставаат сега ад хок.

Истото се случи и со ветувањето за 20% пониски сметки за вода, овој месец видовме со факти, секој граѓанин може да си провери на својата сметка дали плаќа пониска цена за вода од 20%, или сметката за вода му е зголемена“, додаде Ристески.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.