“За повисоките сметки за вода со примери, за да видат што ги чека граѓаните наместо ветеното поевтинување од 20%!?”

Едно од главните предизборни ветувања на сегашниот градоначалник на општина Прилеп од редовите на СДСМ, Илија Јованоски, беше поевтинување на сметките за вода за 20%. Ова ветување Јованоски го презентираше за време на целата своја кампања, при што голем број граѓани очигледно меѓудругото поверуваа и на ова, па својот глас го дадоа токму за него.

Но, ова ветување, како и се останато остана во бројните предизборни пресконференции и јавни говори.

Она што се случи е сосема спротивното. Прилепчани не само што не добија поевтини сметки за вода за 20%, туку добија дополнително оптоварување на семјниот буџет.

На 9-тата седница на Советот на општина Прилеп која се одржа на 27.02.2018 година, меѓу останатите точки се одлучуваше и за цената на водата за пиење, како и за утврдувањето на цените за собирање и одведување на отпадни води и за прочистување на отпадните води.

Преку третата точка советниците од СДСМ и коалицијата ќе имаа можност да го исполнат ветувањето на градоначалникот и да ги намалат трошоците на домаќинствата во Прилеп.

Прилепчани немаа среќа да се израдуваат, бидејќи мнозинството во Советот одлучи водата да остане на досегашните 26,22 денари за метар кубен, што е спротивно од ветувањето на Јованоски за намалување на сметките за вода за 20%.

(досегашни цени на услугите содржани во сметката за вода)

Доколку тогаш градоначалникот и советниците останеа доследни на ветувањето, еден метар кубен ќе беше поевтин за 5,2 денари. Ако тоа се пресмета на една не така голема потрошувачка од 20 метри кубни месечно, тоа ќе значеше 104 денари помалку на сметката за вода за пиење.

Но, прилепчани не само што не добија поевтинувње за 20%, туку ќе плаќаат и поголема цена за собирање и одведување на урбани отпадни води, услуга која е дел од сметката за вода на Јавното комунално претпријатие Водовод и канализација.

Токму втората одлука по дневниот ред на оваа седница во иднина ќе го оптоварува буџетот на граѓаните, а причината за тоа е што наместо досегашните 3 денари по метар кубен за оваа услуга, се утврди цена од 5,28 денари, или плус 2,28 денари на секој потрошен метар кубен вода.

Ако зголемувањето на услугата за собирање и одведување на отпадни води (која повторуваме е дел од сметката за вода) од сегашните 3 денари по потрошен метар кубен вода на 5,28 денари, се пресмета на месечна потрошувачка од 20 кубни метри вода, тоа ќе значи плус 45 денари на сметката за вода.

Советот на оваа седница исто така одлучи да воведе и нова давачка за прилепчани од 2020 година, кога на сметките за вода за пиење ќе се плаќа по 7,15 денари за метар кубен потрошена вода, на име услуга прочистување на отпадни води.

Ова е доказ колку вреди зборот пред избори на СДСМ и колку вредат ветувањата пред граѓаните кои им донесоа победа на локалните избори на 15 октомври минатата година.

Колку и некој да се обидува да ги прикажува поинаку овие донесени одлуки, реалноста е едно, прилепчани ќе плаќаат повеќе на сметките за вода.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.