Промените кои се случија во нашата земја во однос на увоз на возила од странство и зголемениот стандард и промената на навиките на граѓаните, придонесоа за енормно зголемување на бројот на возила во нашиот град
Со ова зголемување автоматски се јави потреба од редефинирање на сообраќајниот систем во градот. Односно стариот систем – регулација на сообраќајот на вкрсните места со светлосна сигнализација се повеќе се одбегнува бидеќи создава застој и се повеќе се применуваат отворени решенија со т.н. кружни текови кои не предизвикуваат големи застои.
За таа цел во нашиот град се изградија повеќе кружни текови на најфрекфентните сообраќајници во градот :
1.Кружен тек „Карпалак“ (вкрстување на булеварот „Гоце Делчев“, ул.„Васко Каранѓелески“ и почетокот на ул.„Јоска Јорданоски“).
2.Кружен тек „Прилепски Бранители“ (вкрстување на булевар „Гоце Делчев“ со ул.„Димо Нареднико“).
3.Кружен тек кај бензиската пумпа Мак Петрол (вкрстување на ул.„Прилепски Бранители“ или „ Марксова“ со ул.„Мице Козар“).
4.Кружен тек во близина на поранешната фабрика Солидност (вкрстување на „Александар Македонски“ и ул.„Јоска Јорданоски“)
Во наредниот период се планира да се изградат уште кружни текови со што протокот на сообраќај би се зголемил, а со тоа и безбедноста во сообраќајот.
Се планира изградба на кружен тек на:
1.Мостот „Табана“
2.На вкрстувањето на булеварот Гоце Делчев со ул. Војводинска (во близина на новата автобуска станица).
3.Кружен тек во близина на Економскиот факултет
4.Кружен тек кај маркет Тинекс
5.Кружен тек во центарот кај поранешна Градска кафеана.
Паралелно со решавање на проблемите со сообраќајот во движење градот почна да размислува и за решавање на проблематиката на сообраќајот во мирување, односно паркинг просторите. Кој е исто многу важен сегмент во живеењето во градска средина и важен фактор во формирањето на сликата за еден град.
Одделението за стопанисување со паркинг простор е во склоп на ЈП за просторни и урбанистички планови и работи во согласност со Одлука на Совет од 2007 г. а со конкретна работа започна од мај 2008 година.
Идејата со воведувањето на платениот паркинг простор во многу наврати е погрешно толкувано. Имено не е целта на градските власти да ги земаат парите од своите граѓани, целта е ДЕСТИМУЛИРАЊЕ на возачите да излегуваат со сопствено возило и форсирање на јавниот градски превоз, такси превозот, и други превозни средства (велосипеди и слично). Со оваа мерка индирекно се учествува во намалувањето на загадувањето на животната средина и намалувањето на сообраќајниот метеж во центарот на градот.
За таа цел на просторот на старата автобуска станица се изгради првата современа катна гаража во Македонија со капацитет од над 400 возила.
Во завршна фаза е градбата на втората катна гаража односно комбинација трговски центар со катна гаража во центарот на градот во близина на градскиот пазар со капацитет од 200 возила.
Се приспособи подземна гаража во рамките на Центарот за култура Марко Цепенков со капацитет од околу 30 возила и заедно со отворениот паркинг пред Домот на културата се прави една заедничка целина која има капацитет за повеќе од 70 возила.
Во изминатиот период од почетните 40 паркинг места и двајца вработени сега располагаме со 1.100 паркинг места распоредени во централното градско подрачје и вработени повеќе од 40 лица.
По примерот на поголемите градови, во однос на паркирањето, градот е поделен на три зони ( зона А, Б и Ц). Зоната „А“ е централното градско подрачје ( Булеварот „Гоце Делчев“ – од „Карпалак“ до Тинекс и старата чаршија). Зона „Б“ и зона „Ц“ се видливо обележани со табли на самите паркинг простори.
Од март 2012 година начинот на наплата е модернизиран со тоа што е воведен систем за наплата по пат на СМС порака и грепки. Со цел да се олесни користењето на системот на паркирање за корисниците изработена е корисничка апликација „Паркинг Прилеп“ која е достапна на Google play store.
Исто така покрај наплатата на единечен билет, воведено е и следното:
-Воведена е можност за бесплатно паркирање во траење од 15 минути на сите делови од градот каде е воведен системот на зонско паркирање.
-Обележани се вкупно 26 паркинг места за лица со посебни потреби – со одреден хендикеп.
-Месечни билети за паркирање за категорија правни и физички лица.
-Повластено паркирање за станари за прво/второ возило.
-Месечен билет за паркирање на занаетчии.
-Месечен билет за паркирање на вработени кои гравитираат кон одредена зона.
На барање на граѓаните воведена е дневна карта за една зона и дневна карта која важи за територијата на целиот град. Со воведувањето на наплата по пат на СМС пораки и грепки паркинг местата се поделени во неколку зони / нивоа на наплата и тоа 380 паркинг места се лоцирани во „А“ зона, околу 280 во „Б“ зона, и останатите паркинг места се лоцирани во „Ц“ зона.
Во план е изградба на повеќе помали и поголеми капацитети, монтажни катни гаражи над постојните паркинг простори, на повеќе локации во централното градско подрачје и тоа :
-На просторот позади поранешна градска кафеана со капацитет околу 200 возила
-На просторот помеѓу поштата и новата општинска зграда со капацитет од околу 100 возила
-На парцелата на постојниот паркинг пред „Кам маркет“ ( во близина на споменикот Карпалак) капацитет од приближно 100 возила
-На парцелата на постојниот паркинг пред центарот за култура „Марко Цепенков“ капацитет од приближно 100 возила
Со овие зафати во голема мера би се ослободил центарот на градот, односно Булеварот од паркирани возила.
Наредните планови во однос на платениот паркинг простор се однесуваат на:
Осовременување на системот на наплата и контрола ( паркинг рампи, сензори, паркинг метри и слично)
Засадување на повеќе зеленило или изградба на настрешници на постојните паркинзи
Изградба на паркинзи за тешки товарни возила на (периферијата на градот).