Дизелот поскапува од стартот на идната година, Владата ја зголемува акцизата за 3 денари, а зедно со ДДВ цените ќе бидат повисоки за 3,54 денари. На овој начин ќе се обезбедат дополнителни 31,7 милиони евра од акциза и ДДВ во буџетот, соопшти Министерот за финансии, Драган Тевдовски на претставувањето на Предлог буџетот за идната година. Со најавените измени, покрај задолжувањето, од нова година па натака, финансиската дупка на аномаличниот буџет кои сами ја креираа, СДСМ ќе ја покира директно од џебовите на граѓаните, пренесува Економски.мк.
Пред 5 години остро реагираа, а сега ја подгреваат инфлацијата
Новата Влада го поскапува дизелот за 3 ипол денари и покрај тоа што кога беше опозиција остро се противеше на покачувањето на дизел горивата за 1,5 денари.
„Сакаме да ја предупредиме Владата дека во оваа незапамтена економска криза и рекордна сиромаштија, зголемувањето на цената на горивата ќе биде нов огромен удар врз џебот на граѓаните, но и генератор на нова инфлација и поскапување на производите кај сите компании“, изјави во 2012, Aтанаско Tунески.
СДСМ изјавуваше дека поскапувањето на енергенсите стануваат неподносливи за просечниот македонски граѓанин. Тогашната опозиција реагираше на покачувањето на бензините за 2,5 денари, а на дизел горивата за 1,5 денари. Оттогаш до денеска не се смени ништо, освен што СДСМ не е опозиција, туку власт во Македонија. Во истовреме, сегашниот премиер Зоран Заев, за време на кампањата на последните парламентарни избори како лидер на опозицијата ветуваше пласман и достоинствени цени на земјоделските производи, но и таканаречена зелена нафта односно нафта со половина цена и нафта која чини 20 денари за еден литар. Од тука и прашањето, ако поскапувањето на нафтата од 1,5 денар e неподносливо и предизвикува инфлаторна спирала, тогаш како сега, дупло повисокото зголемување во однос на тогашното, се смета економски оправдано?!
Покачувањето на акцизата, ќе иницира низа покачувања на јавниот превоз, ќе влијае на цените на такси превозот, на земјоделските намирници и култури, готовите производи и на сите гранки поврзани со дистрибуцијата. Со еден збор поскапување на сè.
Поскапувањето на нафтата ќе ги намали и девизните резерви
Како што покажуваат податоците на Регулаторна, 64 % од вкупната потрошувачка на нафтените деривати отпаѓа на дизелот, па така, инфлаторните движења, односно повисоките цени како резултат на поскапените фактори на производство (повисоката цена на нафтата), ќе го намалат македонскиот извоз. Имено, при повисоки цени, македонските производи ќе станат помалку атрактивни за меѓународниот пазар, со што реализираната продажба во странство ќе се намали. Намалувањето на извозот ќе предизвика влошување во билансот на плаќања на државата, зголемен трговски дефицит и намалување на девизните резерви на државата. Сето ова ќе иницира потреба од понатамошно задолжување на Република Македонија и зголемување на јавниот долг.
Извор: Курир