Денеска е Светол или Велигденски вторник – народни верувања и обичаи поврзани со овој ден

Светол или Велигденски вторник е втор ден по Велигден кога продолжува прославувањето на најголемиот христијански празник – Велигден, како во црквите така и во домовите на православните верници.

Богослужбите се исти како и претходните два дена.

Велигденските празнувања траат три дена, а на Велигденскиот вторник продолжуваат гозбите и веселбите на кои доаѓаат роднините, кумовите, соседите и пријателите, па во тоа време се собираат и роднините од подалечните краишта.

Кај народот овој вторник се смета за најдобар вторник во целата календарска година. Во некои села, се одржуваат и свадби, зошто се смета дека овој ден има посебен благодет кој се пренесува на новите сопружници и нивното новоосновано семејство.

Според преданието, во недела рано пред зори Марија Магдалена, Марија Јаковлеа, Саломија и некои други жени отишле со подготвено миро до гробот на Христа.

Големиот камен со кој бил затворен Христовиот гроб бил тргнат, а гробот празен. На каменот седел ангел Божји, со лице како молња и одежда бела како снег.

Стражарите – војници биле вкочанети од страв, а тогаш им се обратил ангелот: „Не се плашете, зошто знам дека го барате распнатиот Исус. Не е тука зошто стана. Одете брзо и кажете им на неговите ученици дека Воскресна.

Жените и збунетите војници веднаш се стрчале во градот за да ги известат еврејските поглавари за тоа што виделе, а народот многу се израдувал.

Поради тоа единствена работа која овие три дена верниците мора да ја почитуваат, е да споделат радост со блиските.

Народното верување вели дека оние кои не го почитуваат ова едноставно “правило“ му пркосат на Бога и Христа и нема да им оди во животот „како што треба“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.