Околу 260 вработени во прилепскиот загубар “Еурокомпозит АД 11 Октомври” оставени се на милост и немилост и без денар во џебот.
Предводени од синдикалната организација, вработените и денеска излегоа на штрајк, овојпат пред општинската зграда во Прилеп и одново ги изнесоа своите барања.
Тие ги бараат своите заработени околу 14 плати, придонеси и целосната плата за 2018 година, од која добиле само по 5000 денари линеарно.
Со транспаренти преку кои потсетуваат на агонијата низ која поминуваат, свирежи кон актуелната власт, овие наши сограѓани продолжуваат да го изразуваат својот револт.
Минатата недела претставници од синдикалната организација остварија средби и со вице премиерот Кочо Анѓушев, на која според претседателот на Синдикатот ги добиле старите ветувања и временски период од 6 месеци за работите евентуално да се средат.
Но, на прес-конференција Богданоски соопшти дека истите тие ветувања биле дадени и на претходната средба со Анѓушев, како и за ветувањето од премиерот Заев, кој ги убедувал дека состојбата во фабриката ќе се среди до Нова година.
Вработените во “Еурокомпозит” ќе продолжат да го изразуваат својот револт и во наредните денови, се додека не го добијат она што го заслужиле и заработиле.