„ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ЗИМНИЦА“ ВО МОСКВА: Пет македонски компании ги изложија своите производи (ФОТО)

„Денови на македонската зимница“ се одржуваат во Москва, во Руската Федерација, од 25 до 28 март 2018 година.Манифестацијата ја организираа Македонско-руската стопанска комора и Македонската асоцијација на преработувачи, а со финансиска поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија.

Промотивниот настап на македонските преработувачи на зеленчук и овошје само потврди дека руските и граѓаните на земјите од Евроазиската унија во иднина ќе имаат можност далеку повеќе да се снабдуваат со македонска зимница.

Хит несомнено е ајварот, но интересот на руските трговци и дистрибутери кои поседуваат синџири на маркети е голем и за за останатите производи – лутеница, пинџур, пиперки со урда, гамби, печени пиперки во тегла, корнишони, слатка и мармалади од смокви и лубеница и од овошјата кои во Македонија ги има во изобилие, како и готови јадења, како што се македонско гравче во тегла, ѓувеч и слично.

Манифестацијата се одржува во огромниот комплекс „Фуд сити“ во Москва, каде што пет македонски компании – „Вори“ и „Випро“ од Гевгелија, „Ларс“ од Штип, „Дим комерц“ од Нов Дојран и „Аграр Ко“ од Кочани ги изложија своите производи и организираа дегустација за руските и купувачите од земјите од Евроазиската унија.

Контактите со руските увозници ќе им помогне на македонските преработувачи навремено да го испланираат претстојниот годинашен откуп на свежи земјоделски производи и преработувачките количини, но истовремено ја отвара и вратата за поголемо присуство и на останатите македонски производители.

Денес македонските деловни луѓе одржуваа билатерални средби со руските бизнисмени, а на промоцијата се присутни и трговци од Казахстан, Ерменија и Грузија, како и претставници на Евроазискиот деловен сојуз.На промоцијата и средбите меѓу бизнисмените од двете земји присуствуваше и Димитри Бистров, регионален директор на одделот за меѓународна соработка на Стопанската комора на Руската Федерација, најсилна деловни асоцијации во Русија, која е партнерска комора на Македонско-руската стопанска комора.

-Во „Македонски дом“ и во најголемиот земјоделски кластер во Москва дојдоа претставници на македонската конзервна индустрија, која е целосно извозно ориентирана, но за жал засега малку присутна во Русија, состојба која очекуваме брзо и наскоро да се промени.Битно е што размената со Руската Федерација и на стартот од годинава продолжува да расте, особено македонскиот извоз, а нашите напори се тој тренд да продолжи со доаѓање на нови производи за руските потрошувачи, – истакна пред бројните бизнисмени м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора.

Според Сашо Ристовски, секретар на Македонската асоцијација на преработувачи на овошје и зеленчук- МАП, лани 32 членки на деловната асоцијација извезле вкупно 45.000 тони конзервирано овошје и зеленчук пред се во Западноевропските и прекуокеански земји, а од тоа само 121 тон во Русија.

-Во МАП не сме задоволни со ваквите бројки и заедно со Македонско-руската стопанска комора ќе се обидеме далеку поголем број конзервни производи да се најдат на овој пазар.Денешната средба е само прв чекор во тој правец, додава Ристовски.

Димитри Бистров, регионален директор на Меѓународниот оддел на Стопанската комора на Руската Федерација, вети целосна поддршка за поголем влез на македонски производи на рускиот пазар од страна на најголемата деловна мрежа во Русија.

-Драго ми е што македонските производители и преработувачи доаѓаат најмалку два петти на саемски манифестации во Русија.Тоа е патот и за поголем пласман на стоки на овој пазар.Потребни се почести средби и радува фактот што тоа и се случува, – ги охрабри бизнисмените Бистров.

Македонските претставници од конзервната индустрија имаа средби и со бизнисмени и сопственици на трговски ланци од дел од земјите на Евроазиската унија и со трговци од одделни руски региони.

-Нашите две држави имаат моментални политички проблеми, но ние треба со економски средства да придонесеме тие да се надминат.Ние сме заинтересирани, не само за увоз на македонски производи, туку и за соработка во областа на туризмот, -порача Александар Михајлов, директор на „Козачкиот дом“ во „Фуд сити“.

На првиот ден од престојот во Руската Федерација (26 март 2018 година), македонските бизнисмени имаа можност да посетат разновидни трговски маркети во главниот град на Руската Федерација, како што се „Ашан“, „Магнолија“, „Верна универзум“, „Патерочка“, „Азбука вкуса“…Притоа, тие се запознаат со асортиманот, начинот и основните услови кои треба да ги имаат и македонските производите за да се најдат на рака на руските потрошувачи.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.