Ќерката на владетелот на Дубаи, 33-годишната Латифа Мохамед ал Мактум, исчезнала во Индија, а постои сомнение дека била во друштво на поранешниот шпион Жан Пјер Жобер.
Таа е ќерка на шеикот Мохамед бин Рашид ал Мактум, потпретседател и премиер на Обединетите Арапски Емирати и владетел на емирот Дубаи.
Во видеото кое го објавила „принцезата на Дубаи“, како што ја нарекуваат, објаснува дека нема слобода да живее сопствен живот и дека е мачена, претепувана и цензурирана целиот свој живот.
Таа вели дека е едно од 30 деца на овој шеик. Таа на 4. март се јавила во една агенција која дава помош на луѓе кои имаат одредени проблеми во Емиратите или во странство.
Тој ден пратила вознемирувачка порака во која рекла дека ја чекаат некои мажи, дека слушнала пукање и дека се крие со еден пријател. Нагласила дека не и било дозволено да го напушти Дубаи од 2000. година и дека не смее да вози автомобил.
Исто така, рекла дека ја следат во секој чекор.
Иако е Дубаи една од најпопуларните дестинации на светот во која многумина уживаат во разни активности, Латифа вели дека таа не смеела никогаш да биде дел од тоа.
Во видеото ги наведува сите причини поради кои се одлучила на бегство.
-Ја немам слободата која луѓето ја имаат. Немам слобода на избор. Се надевам на нов живот. Доколку не успеам, се надевам дека ќе се случи некаква промена – рекла таа.
Не е познато како се запознала со Жобер, но се знае дека тој водел повеќе од возбудлив живот.
Жобер, автор на книгата „Бегство од Дубаи“, е поранешен француски морнарички офицер и инженер, а како таен агент работел за француската разузнавачка служба до 1993. година, кога се преселил на Флорида и регистрирал компанија за производство и управување на рекреативни подморници.
Во 2004. година го посетил бизнисменот султан Ахмед бин Сулајен, кој го поканил во ОАЕ.
И таму Жобер отворил компанија за производство на подморници, а по две години неговата фабрика правела и брзи бродови и подморници за туристи.
Меѓутоа компанијата влегла во проблеми. Полицијата го обвинила за проневера, а тој велел дека системот на Емиратите е основан на корупција.
Во 2008. година морал да побегне од земјата. Облекол одело за нуркање и се прекрил со бурка за да изгледа како муслиманка.
Во својата книга тој го опишал својот потфат, а се наведува дека со гумен чамец успеал да дојде до своето одредиште – брод со кој управувал негов стар познаник, исто така шпион.
Како и да е, исчезнувањето на принцезата на Дубаи засега е мистерија. Исто така, на јахтата која исчезнала во Индија, а на која наводно биле Латифа и Французинот, се наоѓала и финската државјанка Тина Јохана Јаухаинен. Семејството на Тина го пријавило нејзиното исчезнување.