Американскиот претседател Доналд Трамп денес донесе одлука за повлекување на САД од Парискиот климатски договор потпишан во 2015 година, кој имаше за цел намалување на глобалното затоплување, пренесува “Аксиос”.
Медиумот се повикува на два извори кои тврдат дека имаат информации од прва рака за овој потег. Шокантната одлука на Трамп најпрво ќе ја образложи Американската агенција за заштита на животната средина, односно нејзиниот претседавачки администратор Скот Пруит, каде ќе се одлучи дали ќе се верификува одлуката на претседателот, пренесува британски “Телеграф”. Доколку одлучат да ја усвојата одлуката на Трамп, процесот на повлекување ќе трае три години.
Трамп на НАТО самитот минатата недела во Брисел рече: “Ни треба уште време да размислиме за обновување на климатскиот договор”.
Доколку биде потврдена оваа одлука на Трамп, тоа ќе биде продолжување на рушењето на “наследството” од Обама.
Уште за време на кампањата Трамп изјави дека е против Парискиот договор, а тоа го повтори и во април оваа година, велејќи дека станува збор за “едностран договор кој не носи никакви придобивки за Америка”. Тој истакна и дека целосното почитување на климатскиот договор би значело намалување на американскиот БДП за 2,5 трилиони долари во наредната деценија.
Ф.Г.