“Второто полугодие нема да започне-просветарите заслужено бараат повисоки плати?!”

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија пред 3 дена соопшти дека останува на одлуката донесена на 21.12.2017 и дека на 17.01.2018 на 5 минути до 12 часот ќе се одржи предупредувачкиот протест пред Владата на Република Македонија.

Како причини од таму ги наведуваат:

– нефункционирање и непочитување на социјалниот дијалог и социјалното партнерство;
– кршењето на закони, Уставот на Р.М., конвенции на Меѓународната организација на трудот и суспендирање на колективните договори;
– упад во синдикални организации при КСС за насилно менување Претседател, притисоци за исчленување од синдикатот, напад врз врвот на КСС;
– обиди за замолчување на КСС на најразлични начини поради нашите легитимни барања;

Барањата до Владата се следни:

Веднаш, а најдоцна до 16 јануари 2018 година, Претседателот на Владата на Република Македонија или од него овластени претставници да организира работна средба со раководството на КСС, со цел на договарање на заеднички решенија за надминување на состојбите кои се причина за организирање на ЈАВНИОТ ПРЕДУПРЕДУВАЧКИ ПРОТЕСТ.

– Веднаш да престанат притисоците врз вработените во јавниот сектор, а особено притисоците врз синдикалните претставници и обидот за загушување на синдикалното движење.
– Веднаш да се пристапи кон усогласување на платите во јавниот сектор согласно зголемувањето на минималната плата од Октомври 2017 година.
– Веднаш да започнат преговори за зголемување на платите во јавниот сектор без дискриминација на одредени дејности.
– Веднаш да започнат преговори за измена и дополнување на Општиот колективен договор за јавниот сектор со цел подигнување на работничките права во делот на минат труд, правото на регрес за годишен одмор и породилното отуство.
– Задолжително да се усогласуваат барањата за платите во јавниот сектор помеѓу репрезентативните синдикати и Владата, пред секое планирање на Буџетот на Р.Македонија.

Од Владата до сега нема најава дека ќе излезат во пресрет на овие барања, па извесно е дека во среда ќе се одржи протестот на синдикалците.

Се поставува прашањето дали школската година ќе започне навреме, особено доколку се има во предвид дека и СОНК најави дека го поддржува протестот и излезе со свои барања?!

Ќе има ли слух Владата на барањата на најголемата синдикална организација во државата ќе видиме наскоро…

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.