Со божествена литургија, режење на славскиот колач и водосвет денеска во неколку прилепски населени места како Волково, Кален, Вепрчани, Полчиште и други беше одбележан христијанскиот празник Вознесение Христово – Спасовден, кој воедно е и слава на овие села. На одбележувањето присуствуваа стотици граѓани, не само жителите кои моментално живеат таму, туку и оние кои одамна се иселиле, а за овие празници се враќаат назад во родното огниште да се видат со своите роднини и пријатели и заеднички да ги поминат овие празнични денови.
„Многу е убаво да се присуствува денеска тука, многу ми е мило што има доста луѓе присутни на овој манастир во селото Волково. Денеска навистина се чувствувам многу убаво и можам да кажам дека често пати се пријавувам да бидам домаќинка на славите во повеќе прилепски манастири“, рече Мирјана Чорбеска, домаќин на славата во манастирот во н.м. Волково.
„Јас прв пат сум домаќин во манастиров и многу се радувам што гледам дека тука се присутни голем број верници. Чувството да се биде домаќин е одлично и затоа и се пријавив минатата година“, кажа Љубе Седлоски, домаќин на славата во манастирот во н.м. Волково
Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, ги посети овие населени места честитајќи им го празникот на жителите и именденот на оние кои празнуваат овој ден.
„Присуствуваме на уште еден голем христијански празник Вознесение Христово – Спасовден. Патот кој води до ова н.м. Волково и до манастирот се изгради минатата година. Неговата изградба е причина за да денес тука има голем број на присутни верници. Во иднина се планира да се догради овој пат до н.м. Прилепец и до манастирот до ова селото, така што и двата манастири и двете села во иднина ќе бидат поврзани со асфалтен пат. Исто така околу овој манастир во Волково предвидено е да се засадат дрвја и да се направи еден убав парк. Во оваа прилика им го честитам големиот празник на сите православни христијани во Македонија, им посакувам здравје, успех, среќа и радост, да имаат само убави моменти, да ги продолжиме овие наши традиции и сите оние кои го носат името на денешниот ден нека им е честит именденот“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Освен во Волково Ристески присуствуваше на одбележување на празникот и во мариовските села Кален и Полчиште.
Инаку според православната црква денеска се одбележуваат четириесет дена од Воскресението на Исус Христос. Господ во текот на 40 дена по своето Воскресение им се јавил на учениците, зборувајќи им за царството Божјо и им.
заповедал да не го напуштаат Ерусалим, туку да го чекаат слегувањето на Светиот Дух, на 50-тиот ден од Воскресението. Потоа ги извел своите ученици во Витанија, ги благословил и се вознел на небото. Овој празник се нарекува Спасовден затоа што во денот на Христовото вознесение се довршило делото на спасението.