Денеска, во Прилеп, на германските воени гробишта, се одржа комеморативна церемонија по повод Денот на сеќавањето на руските војници, 1-ви Август, загинати за време на Првата светска војна. Делегации на церемонијата, организирана од страна на Амбасадата на Руската Федерација во Македонија и здружението на руско-македонското пријателство во Прилеп, положија венци свежо цвеќе на споменикот на руските војници кој се наоѓа на Германските воени гробишта каде беше служена и панихида.
Покрај делегациите на Амбасадата и здружението на руско-македонското пријателство, во меморијалниот настан, учество зедоа и свежо цвеќе положија претставници од конзуларното одделение на Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија од Битола, претставници на Локалната самоуправа, Советот на Општина Прилеп, претставници од Министерството за одбрана и АРМ, граѓански здруженија како и претставници на руските компании кои што работат во Р. Македонија.
“Денес им оддаваме почит на сите војници, офицери, цивили, загинати во лудилото на војната, со силна порака дека такво нешто никогаш не смее да се повтори. Овде на Германските гробишта во Прилеп се погребани најмалку 10 наши сонародници. Меѓутоа има и многу други гробови на загинати руски војници кои сеуште не се откриени и допрва престои да бидат најдени и евидентирани. Оваа спомен плоча и овој крст е споменик за сите тие, сега засега незнајни јунаци, но чии што имиња Господ ги знае“ – истакна при оваа пригода, Александар Алексеев – Прв секретар на Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија.
„Денеска сме тука да им оддадеме почит на загинатите руски војници и да искажеме почит на една пријателска земја која на овој простор има погребано свои војници. Благодарение на соработката на Германската амбасада во Р.Македонија и Локалната самоуправа на Општина Прилеп овој простор денес претставува уреден меморијален простор, место на сеќавање на сето она што се случило во минатото, но и простор за помирување на народите“ – рече Марјан Матракоски од Локалната самоуправа на Општина Прилеп.
На Германските гробишта во Прилеп во 1916 година, освен Германци и Австријци, се погребани и десет руски војници кои се бореле и загинале во Првата Светска војна. Нивните имиња се познати и се запишани во заедничката спомен-книга. Во нивна чест Амбасадата на Руската Федерација во Македонија на 100 годишнината од почетокот на Првата Светска Војна, постави спомен-плоча со крст, на кој е напишано:
„Во слава на руските војници, кои херојски загинаа на земјата македонска при исполнувањето на сојузничкиот долг“.