ВМРО-ДПМНЕ Прилеп: ”Се што кажа излажа? Страшно разочарување кај прилепчани од Јованоски…градот пропаѓа..?!”

Почитуван градоначалник Јованоски, каде е програмата “Живот за сите“? Каде се проектите кои ги ветивте? Изгледа реален беше само сомнителниот локум и кафето кое го поделивте меѓу граѓаните во предизборниот период. Повторно како гавранот кој се кител со туѓи перја бесрамно пробувате да присвоите проекти од претходната власт и да ги прикажете како свои. Ова ли е максимумот ваш и на вашите соработници? Зар безидејноста го достигна врвот по само неколку месеци практикување власт?, прашуваат од општинскиот комитет ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

-Се пофаливте дека потпишавте договор за грант од ИПА програмата за реконструкција на патот Прилеп-Селце, а ете го скривте фактот дека целокупниот проект беше изработен од претходната власт во Јули 2017, кога се донесе и Одлука на совет за проектот и истиот се аплицираше за средства во ИПА програмата. Ова со што вие денес гордо се фалите е само краен резултат на работата на локалната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ. Повеќе од јасно е дека ќе пробате да ги присвоите заслугите и за проектот за изградба на кружен тек кај мостот Табана па да се потсетиме дека истиот се изработи во октомври, а се аплицира во ноември 2016 година, исто од локалната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ, велат од таму и додаваат:

„Ги потценувате граѓаните и гласачите и им подметнувате кукавички јајца во обид да ја прикриете својата безидејност и срамот дека не сте во можност да исполните ниту едно од дадените ветувања. Наместо работа, тргнавте на пат околу Европа, направивте театар наречен граѓански парламент и успеавте да им се реванширате на 300 свои сограѓани и нивните семејства бркајќи ги од работа и оставајќи ги во незавидна економска состојба. Не ја намаливте цената на водата, не ги вративте младите назад, ги излагавте сограѓаните Роми од Три Багреми и Мексико и не им обезбедивте приклучок на струја и вода а успеавте целосно да го уништите спортот и ја стопиравте изградбата на градскиот стадион Гоце Делчев. Дали ваш прв проект ќе биде поставувањето на двојазични табли во Прилеп на македонски и албански јазик или претворање на участакот во музеј на соживот и добрососедство останува да видиме!“.

За крај, потенцираат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, иако се китите со сработеното од ВМРО-ДПМНЕ, Ве повикуваме и поддржуваме и во иднина да продолжите да ги реализирате проектите кои се аплицирани и средствата обезбедени од претходното раководство на општина Прилеп, како и да ги завршите започнатите проекти од страна ВМРО-ДПМНЕ зошто тоа се проекти во интерес на граѓаните на Прилеп.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.