ВМРО-ДПМНЕ ПОДГОТВИ ЗАКОН ЗА АМНЕСТИЈА: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат закон за амнестија на уставобранителите!

Сега сме сведоци на политичка осветољубивост од невидени размери, и кон тие кои тепале со давање на несоодветни квалификации за тероризам или обид за убиство, и кон тие кои никого не повредиле. Основната цел на оваа операција, и на дејствувањето на СЈО, на ОЈО и полицијата е слабеење на ВМРО-ДПМНЕ и негово силно ослабнување, а со тоа и намалување на влијанието на партијата.

Крајната цел, всушност е разбивање, поделба или силно ослабанување на ВМРО со цел кршење на националниот дух на Македонците и намалување на национлниот елемент и заштита во политичкиот живот во Македонија. Создавање држава на граѓани, а не на македонски народ и на делови од други народи како што стои во Уставот.

Тоа ќе значи постепено исчезнување на македонската нација, бидејќи Македонците како нација немаат втора држава. Затоа овие напади и хајки, политичко судски прогони, кои досега се против над 170 луѓе, и веројатно ќе расте, според информациите, на над 250 треба да се сфати многу сериозно, а не како проблем на индивидуалци – рече Никола Груевски, сега веќе почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот Конгрес на партијата на кој се избира негов наследник.

Тој нагласи дека е потребно е национално помирување.

-Потребен е закон за амнестија, простување и помирување. Само така земјата може да оди напред, и да стави крај на политичките освети и реваншизмите. Големите политичари така се однесуваат во вакви моменти.Треба и Заев и СДСМ да го научи ова, со целосно сочуство кон неговата болка и стрес од немилиот настан на 27 април. Треба и ДУИ да го знае тоа, затоа што амнестијата кон нив беше за многу потешки дела.Треба СДСМ да постапи како што во овие 27 години независност дури 4 пати постапуваше ВМРО-ДПМНЕ – рече Груевски.

Тој додаде:

Како што тоа го направи ВМРО-ДПМНЕ во 1991 година кога доминираше во експертската влада на Никола Кљусев, и не премина кон казнување на ист начин кон луѓето на комунистичкиот режим чии наследник е партијата СДСМ, кои 45 години стрелаа без судења, апсеа, мачеа и убиваа вмровци кои се спротиставуваа на комунистичкиот режим. А можеше да биде и поинаку. Можеше на тие што се живи и што го правеле тоа да им се суди, да се затвораат и стрелаат за репресиите на нивниот режим и на нив лично.

Потоа со Законот за амнестија од 1999 година поврзан со гостиварските настани од 1997 година кога се ослободија два градоначалника од западна Македонија.

Потоа во 2001 година со Законот за амнестија на учесниците во конфликтот кои делуваат против државните органи и убија околу 70 војници и полицајци а огромен број беа ранети и повредни, со трауми и последици, и конечно во 2012 година, со толкувањето на Законот за амнестија со кој четирите хашки случаи подпаднаа под Законот за амнестија, меѓу кои и водството на ОНА. Сите овие амнестии беа болни и тешки за нас, но ние покажавме политички капацитет и државништво во поглед на национално помирување и заедничка иднина а не заеднички вечен конфликт освети и реваншизми.

Груевски на крај посочи дека партијата ќе подготви закон за амнестија за случувањата во април годинава.

-ВМРО-ДПМНЕ веќе подготви Закон за амнестија за настаните на 27 април, кој наскоро треба да се најде во парламентот и се надевам ќе биде прифатен – додаде Груевски.

 

Извор: Инфомакс

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.