ВЕЧНАЈА ПАМЈАТ МАКЕДОНЦИ! – Koлумна на Протоереј Љупче Петрески

Се видов себеси …

Меѓу гробови, и лешинари неколку горе како кружат, чинишмрша намирисале или виделе, која треба да се раскине, па силата да си ја зголемат, како малку да им е, а чинам и други крвожедни зверки сакаа да настрват. Од помислата морници по снагата ме полазија. Осамено се почувствував, небаре сираче невино на немилоста на зверовитекрвожедни оставено.

Се видов себеси …

Сред гробје, како некое страшило бостанско, на единствената нога стоејќи. И рацете ми беа откинати.Солзи леев а не крв. Мршојадците задоволно над мене кружеа. Не знам дал крикнуваа ил подмукло ми се смееја. Низ клуновите крв им се слеваше, гробовите околу мене росејќи ги. Што видение ќе беше ова?

Господова волја било секојдневно овие градови на тишината да ги гледам. Мир и спокојство тука владее. Жителите никогаш ништо не зборуваат а сепак многу кажуваат. На гробовите на предците успокоени зборови на тага, надеж и молитви се испишани. И имина! Имиња и презимиња на генерации и генерации.

Сред непрегледно море од крстови. Непрегледно поле од важни човечки судбини. За нечии очи места мрачни и тегобни, сметишта на гнилеж и прав, ништожност или пропаст. За моите очи ризници на нешто драгоцено. Улогата на жителите на овие населби на тишината не е завршена. Не се тие војници од стројот исфрлени. Само еден чин од драматана нивниот живот земен е завршен. Најважниот чин, и за нив и за нас, сеуште не се одиграл. Сите по истиот патгазиме.

Гробовите и коските се дел од мојот народ. Оние кои главата ја вртат од гробовите на своите предци никогаш нема вистински народ да бидат, зашто народот не само оние на земјата го сочинуваат ами и оние под земјата. Гробовите се сведоци за постоењето на нашиот народ. Тие се гранични камења на земјите каде македонецот живее. Тие се мртва стража. Тие се на вистината сведоци. Ги ништеле, рушеле, скрнавеле затоа што со своето постоење гробовите на јунаците говореле: Ова е Македонија!

Се видов себеси …

Сред гробје на јунаци македонски. Тивко чемпреси шумеа а под нив војводи и цели чети скаменети. Дал залудно загинавте? Дал жртвата Ваша залудна беше? Кога човек околу себе ќе погледне, кога моменталната ситуација ќе ја согледа, како водачите македонскиот народ го водат, како погледот од предците го вртат, се добива впечаток дека залудно сте загинале. Чиниш туѓ народ се па гробовите Ваши на заборавот сакаат да ги препуштат. Сакаат по втор пат да умрете, зашто некои еднаш а некои двапати умираат.

Вториот пат е кога потомците ќе те заборават. Тоа ве чека, јунаци мои! Вие, стражари вечни на земјата моја и сведоци на немерливото страдање на народот мој. Не’ има и такви кои од гробовите ваши не се одрекуваат и делата ваши не ги забораваат. Немавме прилика рамо до рамо со вас за татковината да се бориме, но сме подготвени, по примерот ваш, да ја браниме.

Се видов себеси …

Крај нечии гробови како вудвосан лежам. Гробовите немаа име. Се тркалам протегам раце, прсти кршам. Немир ме изјадува, ми ја тормози душата небаре ќе ми ги распори градите. Народ без гробови, народ е без минато, народ е без иднина. Стебло од коренот откинато.

Се видов себеси …

Како сред гробје на воини заборавени одам. Запустени и со трње обраснати. Ги зачистувам, положувам цветови, палам свеќи и принесувам молитви. Не споменувам имиња, зашто гробовите немаат име.

Се видов себеси …

Пред надгробенспоменик, од белутрак изделкан. Безбели коските на некој герој македонски тука почиваат. Немаше име! Во рацете чекан и длето грчевито држев.Ниет имав во каменот име, ил зборови некоида издлабам: „Блажени е народот кој по предците тагува, блажени се и предците кои од потомците се исплакани“.

Се видов себеси …

Како тешка месингена врата отворам, во капела со фрески украсена, и диптиси со имиња безброј, на јунаци македонски. И „вечнаја памјат, вечнаја памјат, вечнаја памјат“! Колку ли само „вечнаја памјат“ се пеело под ова небо крваво? Чиниш, небаре, народна химна македонска.

Се видов себеси …

Сред гробови без имиња како исправен стојам. Во рацете крст, петрафил црн и молитвеник цврсто држам. Одникаде народсе зададе, со свеќи во рацете и раздавачки за душа. Жени во црно забрадени, мажите со тмурни лица, провиснати, рода и своина на починатите.

„Оче,помен за чедата наши да правиме“.
„Но гробовите немаат име! Како пеаније да чинам, за чие име молитва да речам, од Господа прошка да молам? За кого? Гробовите немаат име!“
Голем смут меѓу народецот мој стана. Од каде сега ова чудо се стори,? Зарем натемаго дојде имињата да им ги збрише?
„Како сега помен, оче, да чиниме?“
Јад голем…
„Речи, тогаш, оче, молитва за македонци“.

… „Вечнаја памјат, вечнаја памјат, вечнаја памјат Македонци“!… „Бог да ги прости оние кои овдека почиваат, а нас да не благослови животот и историјата на нашиот народ да ги продолжиме, за да имаме на оние што по нас доаѓаат што да им предадеме. Имињата избришани, на овие великани на народот македонски, во маченичките црковни диптиси со златни букви ќе бидат запишани, на идните поколенија сила да им даваат во оваа грутка наша намачена да останат и опстанат и нашата вера, обичаи, јазик и име, и се’ она чесно и свето што не прави македонци, непоколебливо да го чуваат.

Браќа мои, народе мој! Вашето доаѓање претставува голем благослов за гробовите нивни и за нас, потомците нивни. Тука, воскресение на мртвите чекајќи, коските на нашите предци лежат кои за оваа наша Македонија гинеа. Не’ опоменуваат во животот како нив да се бориме. Да не беа тие и жртвата нивна, тоа што сме денес немаше да бидеме. Споменот за нив преку нивните дела живее.

Сите народи имаат свои претци и споменот за нив и за нивните дела љубоморно го чуваат. А ние денес, сме исправени пред опасноста се’ да заборавиме и нивното дело да го погазиме. Зарем на жртвата и крвта нивна ќе плукнеме? Овие гробови за нас источници на нови сили треба да бидат.

Голема е жртвата нивна за овој народ, за верата, за нашиот јазик, за Македонија. На олтарот на Македонија, животите свои за подобра иднина ги жртвувале. Тие не’ задолжија, аманет ни оставија не само нивниот од’ кон посветла иднина да го продолжиме ами и наследеното од нив да го зачуваме. Луѓе мои, врската меѓу минатото и иднината е нераскинлива. Никако не смееме да дозволиме таа врска со претците некој да ни ја прекине.

Без нив и нивното дело ние денес не би постоеле. Затоа, овие гробови се светилници, за појасно да го видиме нашиот пат. Ако споменот за нив го избришеме, во мрак ќе чекориме, без компас ќе останеме, и ќе дозволиме, маките и страданијата кои ги претрпеле, на нас и нашите деца да ги пренесеме.

Повторување на историјата на Македонија ли сакаме? Не! Затоа што повеќе е мачна отколку славна.Иако сме народ Божји, иако ништо туѓо не сме посакале да украдеме или присвоиме, иако никому не сме наштетиле, сепак сме страдале. А сме сакале само она што од предците сме го наследиле, да го зачуваме.

И затоа, наследеното име, наследениот јазик, наследената Црква и вера, наследениот идентитет, по никоја цена не смееме да ги продадеме. Господ не’ научил дека аманетот од старите не смееме да го избришеме. Затоа браќа мои, право на грешка немаме.

Одговорноста пред историјата, пред претците и потомците, е голема. Што и да сториме,во историјата ќе остане запишано. Во битието и душата на нашиот народ запишано.Никако не смееме да дозволиме во срцата наши споменот за претците да згасне и она чувство што не’ прави тоа што сме – Македонци!

Денес, судбината, пак и пак, душманите ни ја кројат. В зандани јунаците наши ги фрлаат. Сакаат кичма да ни скршат, на колена да не фрлат, да не’ ничкосаат, името да ни го избришат, со помош на туѓинци и предавници. А не треба многу за предавник да бидеш – доволно е да си Македонецама и вратоврска Јудина при себе подготвена да имаш.
И спомените сакаат да ни ги избришат. А има ли човек од мајка роден, сем новороденче мало, спомени да нема? А, безбели, народот наш, новороденче не е.

Не, последниот збор во историјата ние го немаме изречено. Многу преживеавме, и ова ќе го преживееме. Можат имињата да ги бришат и гробовите да ги рушат ама нас, како народ, неможат да не избришат и срушат! Не можат тие да избришат колку што можеме ние да напишеме! Како Господ никој не е, а со Него никој на крај не излегол“.

Некој од народот извика: Бугарско дело гнасно е ова! Тие се’ што е македонско сакаат да избришат! Друг го надвика: Србите се тоа, никој друг! И трет се јави: Ако не се грците, тие кучиња, тогаш незнам кој!

А никој не рече: НИЕ САМИТЕ ГИ ИЗБРИШАВМЕ … Ах!

Протоереј Љупче Петрески

 

 

 

 

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.