Ако е тоа официјален јазик, ќе треба да се учи во основните училишта. Во секое основно училиште во Македонија ќе треба да однесеш учители. Тие што се во Македонија нема да бидат доволни, па ќе треба да увезете од Косово и од Албанија. Така ќе дојде до комплетна албанизација на целата територија на Македонија. Со тој закон албанскиот јазик треба да се прогласи за официјален на цела територија на Република Македонија. Ако се направи тоа, со Македонија е крај, вели академик Ѓорги Поп-Атанасов од Македонската академија на науките и уметностите за порталот Факултети.мк.
Албанизација на територијата на цела Македонија ќе предизвика изгласувањето на предлог-законот за употреба на јазиците. Тоа е закон за албанскиот јазик и треба да се прогласи за официјален на цела територија на Република Македонија. Ако се направи тоа, со Македонија е крај, вели академик Ѓорги Поп-Атанасов, теолог, изучувач на старословенската книжевност и на старите ракописи.
Тој е постојан член на Одделението за лингвистика и литературна наука при Македонската академија на науките и уметностите, а тесна специјалност му се македонска црковна книжевност, библистика, херменевтика, црковна химнографија, хагиографија.
„Факултети“: Предлог-законот за употреба на јазиците, и покрај сите реакции, влезе во собраниска процедура…
– Го читав тој предлог-закон, тоа не е закон за јазици. Има 32 или 34 члена и секој член почнува со: „Јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението, јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението, јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто…“ Секој член почнува со таа реченица. Значи тоа е закон за албанскиот јазик. А со тој закон албанскиот јазик треба да се прогласи за официјален на цела територија на Република Македонија. Ако се направи тоа, со Македонија е крај, вели тој за порталот.
„Факултети“: Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан пред неколку дена порача дека овој закон не е приоритет за интеграцијата на Македонија во ЕУ, дека може да почека. Сепак, законот е веќе во собраниска процедура, ќе дојде време и ќе треба да се гласа…
– Целта е нешто друго. Фактички, не само што се сака тој јазик да се наметне на целата територија на државата, туку се става и над македонскиот јазик. Зашто во Законот за употреба на македонскиот јазик нема санкции за оној што не го зборува македонскиот јазик. А ние имаме политичар кој збор не кажал на македонски јазик. Како треба да го казнат него? Додека во овој предлог-закон за јазици, кој не е закон за јазици, туку за „јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението“, уште во првиот член е наведено кој сè треба да го употребува. Сите државни органи, јавни институции, претпријатија. Еден човек да има во некоја институција, ќе треба да се овозможат услови да се применува тој јазик. Ако се спроведе, ќе бидат блокирани сите институции, ќе бидат парализирани, нема да може ништо да функционира. И државата ќе почне сама по себе да се распаѓа. И на таа држава што се распаѓа, треба да дојде друга над неа, да биде друга држава, истакнува академикот.
„Факултети“: Што сè ќе предизвика донесувањето на овој предлог-закон?
– Ако во Берово треба секој документ да се преведе на тој јазик, треба да отвориш посебен орган, да однесеш неколку луѓе. Ако е органот официјален, тие луѓе ќе живеат таму, ќе однесат семејства. Ако е тоа официјален јазик, ќе треба да се учи во основните училишта. Во секое основно училиште во Македонија ќе треба да однесеш учители. Тие што се во Македонија нема да бидат доволни, па ќе треба да увезете од Косово и од Албанија. Така ќе дојде до комплетна албанизација на целата територија на Македонија. Тоа е целта. Не е целта да се добијат права. Права ќе се бараат додека не се оствари целта. А целта се знае која е.
„Факултети“: Дали Република Македонија се соочува со најкритичниот период во поновата историја?
– Можам да кажам дека бевме посамостојни во бившата федерација зашто тогаш можевме да опстанеме како народ и како држава, во рамките на една друга федерација. Ние се покажавме како неспособни да изградиме држава. Да бевме како Словенците, ќе имавме држава. Опстанокот на македонската држава е загрозен. Се најавува промена на името, а името на државата е идентитетот. Така е кодиран македонскиот идентитет. Ако го промениш името на државата, го менуваш и идентитетот на народот. Има многу политичари, па и дел од македонскиот народ што смета дека може да се промени името. Што е тоа важно?! Името како ништо да не значи. Пред голема опасност сме да се изгубиме и како народ, и како држава, и како традиција. Им пречи, на пример, древната наша историја, што значи дека сè што се случувало на територијата на Македонија, што е дел од нашата историја. Па и античките Македонци се дел од нашата историја, како и сите што живееле некогаш тука. Не можеме ние да ги прогласиме Александар или Филип дека се Грци, кога Демостен во „Филипики“, во тие говори што се сочувани против Филип, вели: „Не само што не е Елин, туку е најобичен варварин – Македонец“. Современик на Филип вели дека тој не Грк, а сега, 2300 години подоцна, бидејќи така политиката им диктира, велат дека тој бил Грк, анализира тој.
Целото интервју со академик Ѓорги Поп-Атанасов од МАНУ прочитајте го на ФАКУЛТЕТИ
Извор: kurir.mk