Ќе се осветува камбанаријата во црквата Св. Никола во с. Љубанци: Македонскиот непокор на Скопска Црна Гора доби уште еден величенствен украс

image001

Селото Љубанци се наоѓа во северозападниот дел на Скопската Котлина, на територијата на Општина Бутел, чиј атар се издигнува до сртот на планината Скопска Црна Гора. Селото Љубанци е една од постарите населби на Скопска Црна Гора за што сведочат повеќето цркви и манастири во неговата околина кои датираат од XI и XII век, како и големиот број на сочувани старински родови и родови доселени две околни села кои сега не постојат. На атарот на селото Љубанци има остатоци од различни културни епохи, а особено стари гробови, пари, остатоци од цркви од кои  селаните ископувале на местата Гребиште, Делба, Св. Јован. Од пишаните документи од средновековиот период од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 12 од 1452/1453 година за тогашниот Скопски вилает, селото е запишано како Лубанце и во него живееле вкупно 54 македонски христијански семејства кои произведувале пченица, јачмен, ‘рж, просо, овес, граор, бостан и друго. Опширен и детален опис за Љубанци и неговите жители, нивниот дух, стопански занимања и живот во 19 век, во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 дава македонскиот револуционер Ѓорче Петров. Во тоа време Љубанци имало 120 македонски куќи, а атарот бил мал сразмерно со селото, планината е повеќе гола, заради што жителите биле бедни, но печалбарството ги направило доста будни. Отворени, живи и весели луѓе се љубанчани и не паѓаат подолу и во гостопримството, па изреката: „На село, на гости, на тевна ќотек“ е вистинита и применлива за сите села, но во Љубанци остануваш толку задоволен и задолжен од нивната услужливост што ги забораваш вообичаените селски незгоди. За разлика од останатите околни и соседни села на Скопска Црна Гора во кои е силно изразено србоманството, Љубанци и неговото население се одликуваат со висока македонска национална свест, голема приврзаност и свест за припадност кон Македонија, како и изразен македонски патриотизам и преданост на идеалите на ВМРО. Поради овие одлики, жителите на Љубанци од остантите претежно србомански села се нарекувани Бугари. За тоа сведочи и Ѓорче Петров кој запишал дека важно е тоа село во тој однос што од почетокот на црковното прашање, па дури до сега не се откажало од својата тврдост во бугарштината (денес, македонштина) и сите обиди на српските агитатори да се вметнат меѓу селаните наишле на силен отпор, макар што имало многумина од тоа село кои биле видни богаташи во Србија, чии убедувања, исто така, не наоѓале добра почва.

Цркви и манастири

Св. Богородица потекнува од средновековниот период им служи на жителите на Љубанци како сахрален објект, бидејки во дворот на оваа црква се селските гробишта.

Св. Никола – Народното предание наведува дека таа е градена во исто време кога и познатата Јахја-пашина џамија во Скопје, бидејќи главната заслуга за изградбата на црквата ја имал еден предок на денешниот род Ниникевци кој добил дозвола за нејзина изградба од самиот Јахја-паша. Црквата била повторно поправена и живописана во 1881 година.Љубанчани ја користат за прослава на селската слава венчавки и крштевки.

image002

Иконостас во црквата Св. Богородица во Љубанци

Манастирот  Св. Никола кој е постар објект и се наоѓа во правец кон Љуботен. Манастир св. Никола Љубанци е манастирски комплекс сместен на падините на Скопска Црна Гора, кај селото Љубанци, во близината на Скопје.Во изградбата, којашто траела од 1849 г. до 1858 г., свои прилози на личен труд и материјални добра принесувале селаните од Љубанци, со оглед на тоа што тие по традиција негуваат особено почитување кон овој светител. Сведоштво за тоа е византиската црква во селото посветена на Св. Никола од 14 век. Иконостасот во манастирската црква е изработен од познатиот македонски мајстор Дичо Зограф.

image003

Манастир Св. Никола

Во селото Љубанци работи и основното училиште Гоце Делчев кое започнало со работа во далечната 1866 година кога во повеќе села во Скопска Црна Гора биле отворени првите световни училишта со организирана настава.Училиштето работи во континуитет независно од пропагандите и од декември 1944 година континуитетот го продолжува ОУ Гоце Делчев со настава на мајчин македонски јазик.

Редовни настани кои се одржуваат во селото Љубанци се следниве:

-Љубански карневал кој се организира по повод празникот Прочка кога во Љубанци се одржува маскембал.

image005

Одбележување на Прочка

-Меморијален турнир во мал фудбал кој се одржува секоја година во чест на загинатите бранители од конфликтот од 2001 година

image006

Меморијален турнир

На 21 мај 2017 година е предвидено да се изврши осветување на новоизградената камбанерија и поставување на камен темелник за изградба на трпезарија и крстилница  во црквата св. Никола во Љубанци.

image004

Новата камбанарија во црквата Св. Никола во Љубанци

image007

Спомен обележје во чест на загинатите бранители во конфликтот од 2001 година




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.