Сообраќајни решенија и зафати од областа на спортот, мерни станици и прочистувачи за воздух во градинките, активности за децата со аутизам, програма за решавање на проблемот со кучињата скитници, подобра хигиена, зголемена комунална изградба, трета фаза од изградбата на кејот на реката Луда Мара…
Тоа се само дел од проектите за кои денеска на прес-конференција говореше градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, во отчет за првите 100 дена од мандатот.
Јанчев нагласи дека напорно се работи, во обид да се изнајде решение за секој проблем.
Во овој период, наведе, се започнати неколку проекти, завршени се значително добар број комунални изградби, остварени се значајни средби и се организирани културни манифестации.
– Реков дека ќе сторам се за Кавадарци да стане убаво место за живеење, ќе сторам се за Кавадарци да биде на прво место. Можеби ќе звучи нескромно, но мислам дека сме на добар пат, рече Јанчев.
Досегашните проекти, додаде, се само почеток за идните планови за општина Кавадарци.