„Јас сум Ана, една од девојките која што беше објавена во Јавна Соба“ – вака ја започнува својата исповед храбрата девојка од Кавадарци, чија слика од Инстаграм заедно со невкусна порака и телефонски број биле објавени на скандалозната група “Јавна соба” на “Телеграм”.
Во групата „Јавна соба“ на Телеграм се објавуваат експлицитни фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки, кои се споделуваат со околу 5.600 членови на групата – објави TВ “СИТЕЛ”.
Ана од Кавадарци е една од девојките чија фотографија и лични податоци биле злоупотребени од непознати лица, па реши јавно да проговори со проблемите со кои деновиве се соочува.
Ана секојдневно добивала повици од непознати лица, а за случајот известила и во полиција, од каде добила одговор дека не можат ништо да направат.
„Почнав да добивам пораки и повици на мојот телефон, не знаев од каде, сè додека не добив скриншот. Мојата слика не само што беше објавена во јавна соба, туку тој некој ја препратил секаде.
Не знаев што да правам, испаничив, се преплашив, никогаш не сум доживеала такво нешто. Отидов во оддел за сајбер криминал да пријавам. Им ја покажав сликата, ги покажав пораките и повиците, дека имам со име и презиме луѓе кои ми пишуваа и ѕвонеа.
Кога слушнаа дека сум полнолетна, рекоа дека законот во нашата држава не може ништо да направи, бидејќи е само за малолетници. Бев беспомошна и бесна. Не знаев каде да се обратам. Изгубив секаква надеж, се разочарав.
Малку се повлеков, еден ден, но потоа продолжив со животот, иако пораките и повиците не престанаа и уште не се престанати. Кое ниско ниво на морал е тоа?
Единствено што можам да кажам е дека беше доста, претходно имаше многу жртви во вакви ситуации, ова треба да престане. Треба да се донесе закон што ќе не штити од ваков криминал. Секој еден може за нас да објави и напише што сака. Доколку се случи такво нешто на некоја ваша блиска личност, немојте да осудувате, но немојте и да молчите. Време е да прозбориме и ваквите ситуации да престанат”, вели Ана во нејзиното видео.
Таа ги охрабрува сите девојки кои биле предмет на ваква злоупотреба да реагираат и да зборуваат јавно, се со цел да се слушне гласот на сите и да се издејствува поголема заштита од државата за ваков вид на вознемирување.
Ана предупредува дека секој може да се најде во ваква ситуација. “Денеска сум јас, утре можеби ќе бидеш ти, твојата сестра, девојка, жена, колешка од работа”, вели таа.
Од секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика за “СИТЕЛ” велат дека се преземаат соодветни мерки и активности во врска со случајот.
Пред точно една година беше откриена првата ваква група со над 7.000 членови на руската апликација за комуницирање “Телеграм”. Toгаш откриен беше креаторот, но случајот е заглавен во правосудните лавиринти.
Видео обраќањето на младата девојка од Кавадарци можете да го погледнете ТУКА