Пред просториите на управните служби во Скопје, колони луѓе чекаат за вадење на лични документи кои во претходниот период не можеа да ги добијат, на голем број луѓе им се поместени термините, а други преку ред се обидуваат да добијат термин бидејќи и закажувањето преку телефон оди со тешкотии и речиси е невозможно да се добие слободна линија на бројот за закажување.
До редакцијата на Радио Лидер пристигнаа поплаки од граѓани кои со денови чекаат да добијат пасоши од МВР. Тие неколку пати беа вратени од службениците во МВР со изговор дека „системот не работи“ и им беше кажано да дојдат за неколу дена. Сето ова предизвика големи гужви и турканици пред портите на МВР.
Граѓаните кои по десетици неуспешни повици, некако успеале да го контактираат министерството, велат дека пасоши конечно има а можат да се добијат 10 дена по сликањето за документот и тоа со новото име Република северна Македонија.
Според неофицијални информации, надградбата на системот за лични документи која се правеше пред неколку недели, била токму поради имплементирање на новото име.
Претходно и опозицијата ја критикуваше власта за неисполување на „основните потреби на граѓаните“, како за вакцините така и за сите патни исправи.
-Пасоши, регистарски таблички и лични карти нема, освен за блиските на власта. Владата на Заев не ја извршува ниту основната функција на државата, а тоа е пружање на услуги за издавање на лични документи и други материјали на граѓаните, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Како решение МВР соопштија дека истечените патни исправи добиваат дополнителна важност до крајот на годината.
Сегашната власт и Министерството за внатрешни работи станаа предмет на потсмев низ светот и ужас за граѓаните, велат од коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива.