Лидерот на централнодесничарската Словенечка демократска партија (СДС), Јанез Јанша, е избран за нов премиер на Словенија со 52 гласа „за“, 31 пратеник беа против, а едно ливче во тајното гласање беше прогласено за неважечко.
Јанша, кој по третпат ќе ја предводи Владата на Словенија, минатата седмица од претседателот Борут Пахор доби право да го формира владиниот кабинет по оставката на Марјан Шарец.
Покрај најголемата партија во овој состав на словенечкиот Парламент, СДП, владината коалиција ја сочинуваат уште
централнолевичарската Партија на современиот центар (СМЦ), конзервативната Нова Словенија и партијата на пензионерите ДеСУС.
Поддршка за Владата на Јанша најави и Словенечката национална партија (СНС) на Змаго Јелинчич, која има тројца пратеници во 90-члениот Државен збор.