„Менаџирање на човечките ресурси во спортските организации“- ова е темата на дипломскиот труд на вицешампионот Дејан Георгиевски, кој свечено ја одбрани дипломската работа на Универзитетот за Туризам и Менаџмент во Скопје на Факултетот за менаџмент на човечки ресурси.
Во трудот тој се осврнува на дисцпилината, посветеноста и релацијата, на најважните човечки ресурси во спортските организации, тренерите и спортистите.
Академската фела која го поддржа Георгиевски во истражувањето на овој труд, порача дека Дејан има амбиции не само за нови историски успеси, туку и за професионална кариера во спортскиот менаџмент.
Георгиевски летово ѝ донесе најголем успех на нашата држава. По пауза од две децении Македонија повторно се запиша на листата на освојувачи на медали на Летните олимписки игри. Тој освои сребро во Токио.
-Ова е успех на Македонија. Но, ова е успех и на еден тим кој напорно работеше со многу откажувања, посветеност и упорност. За мојот успех заслужни се и моите тренери Борче и Дарко Костовски на кои сум им многу благодарен. Среќен сум што со медал им се заблагодарив за нивната посветеност и труд кој го вложија во мене, порача неодамна Дејан Георгиевски.
Тој има 22 години и блескава иднина пред себе. Во Токио покажа зрелост и смиреност.Дејан вели дека дисциплината стекната на тренинзите му помогнала и во извршувањето на неговите обврски кон студирањето. Тој се заблагодари на Универзитетот за туризам и менаџмент, кој како општествено одговорна организација стипендира млади таленти.