фотографија – Шлакески Маринко
„Бунар“ (2021) – Шлакески Маринко драмски текст (извадок)
(ноќ, слабо осветлен двор на постара куќа; на крајот од дворот бунар соѕидан од камења; до бунарот со главата внатре, облечен во сиромашни
алишта стои Јосиф; по подолго време се исправа)
ЈОСИФ: Нема.. уште нема. Проклета суша. Ќе дојде.. кога, тогаш.. Знам дека ќе дојде. Ако е постар од куќата.., значи.. не е бадијала соѕидан! А и тие што го соѕидале, не го соѕидале оти немало ништо! Проклетија ли е, што ли е.. Само во нашиот бунар нема вода.. Секаде во крајов има.. некаде повеќе, некаде помалку.. но има. Вода има. Векот ќе го поминам над него еве вака и ќе чекам.. но вода ќе дојде.
ИЛИНА: (облечена исто така сиромашно, во ноќна наметка излегува од куќата, доаѓа до Јосиф; тивко) Јосифе.. Јосифе.. (без да и обрни внимание, Јосиф, потпрen со рацете на камениот ѕид, молчејќи гледа во празниот бунар)
ИЛИНА: Остави го бунарот.. ќе дојде вода. Ќе надојдат дождови, ќе наврнат снегови.. ќе има вода. Туку.. (се фаќа со рацете за стомакот) Влези дома, не бива вака.. А и тие можи пак да поминат со тие нивни погани усти.. ова време идат.. знаеш дека не можам да слушам кога така зборуваат.
ЈОСИФ: Влези дома.. сега ќе дојдам..(Илина заминува; мрак; по некое време почнува да се слуша тупот на
коњи како се приближуваат од далеку и гласови кои се засилуваат се повеќе)
ГЛАСОВИ: Јосифе! Бре, Јосифе! (тупотот од коњи и гласовите кружат околу куќата на Јосиф измешани со насилно, зајадливо кикотење) Кандисај Јосифе, тврда глава не трае долго! (кикот од повеќе машки гласови измешан со тупот на коњи кои без прекин кружат околу куќата; гласовите и буката полека изчезнуваат)
„Бунар“ (2021) – Шлакески Маринко
драмски текст (извадок)