the land of the free.. and the home of the brave..

„ЛОРА“ (2013) – Шлакески Маринко (драмски текст – извадок)

(Собата на Лора, истиот распоред; Лора седи пред огледалото, празно гледа во него и повремено со дланките поминува преку нејзиното лице; на масата до неа има отворено писмо)

ЛОРА

Лора.. доаѓа од Елео.. Нора.. Моите сакале да имам славно име.. име кое зборува.. име кое се памети.. Малку сум била Елена, малку Нора.. па Лена.. Лена, тоа ми се допаѓаше, да.. но повеќе ми се допаѓа Лора.. Лора, како.. (ја губи мислата)

(пауза)

Утрово дојде писмо. (погледнува во писмото и почнува да го врти низ рацете) Писмо како и повеќето други.. Бело плико и неговата содржина во него. Но сепак нешто беше поинаку со ова. Поинаков беше начинот на кој ова писмо дојде.. Всушност, зошто луѓето велат „дојде писмо?“ Писмата не доаѓаат. Писмата некој ги носи или сами ги земаме, но сепак.. (воздивнува) Не слушнав ѕвонење. Слушнав силно тропање на вратата.. неколку пати. Тропањето беше толку силно што целата се стресов. Толку бев исплашена што за момент неможев да се снајдам и да чујам од каде доаѓа толкава бука. Отидов до вратата (оди до вратата и ѕирнува низ окното), погледнав да видам кој е пред да отворам, но надвор немаше никого! Тропањето продолжи со истата силина и јас конечно ја отворив вратата.. Пред мене стоеше човек кој без да чека да прашам или да кажам било што, само студено рече: „Лора“, што звучеше повеќе како констатација отколку како прашање. Ми го подаде писмото и рече „Потпишете се овде.. и овде!“ „Што е ова? Што ми давате да потпишам?“ го прашав. „Известување“ – вели. „Ова е службена достава.“ Само тоа ми одговори. Се потпишав, а тој веќе беше заминат уште пред да успеам да изговорам било што. По не знам кој пат помислив дека јас сигурно го губам и она малку разум кој имаше останато во мене. Што потпишувам, каква е таа „службена достава?“ Каков е овој јазик кој одвај го разбирам и кој зборува вака? Откако ја прочитав содржината на писмото имав чувство дека почнав да наликувам на воз кој се движи на слеп колосек а чија брзина се повеќе и повеќе се зголемува. (го отвора писмото, почнува да чита) „Во нашето одделение стигна потврдена информација која се однесува на извесно Ваше однесување со кое се предизвикува основа за загриженост. Ве известуваме дека доколку се забележи понатамошно дејствување во истата насока, наши претставници ќе преземат активности со цел оваа појава да биде неутрализирана. Со почит, Од Одделението за граѓанска безбедност.“ (ги спушта рацете надолу, беспомошно ја наведнува главата)

(мрак; се слуша металниот звук на часовникот)

„ЛОРА“ (2013) – Шлакески Маринко (драмски текст – извадок)




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.