Вечерва со почеток од 21:00часот на Камената бина во ценатарот на Прилеп, настапува прилепскиот бенд The Four со свој трибјут на Здравко Чолиќ. Ова е последна вечер од третата сезона на проектот “Од 0 до култура”, кој го реализира Општина Прилеп, а каде секој четврток преку летото не’ забавуваат прилепски бендови со нивни посвети на балкански и светски музички имиња.
The Four во денешниот состав работи од 2022 година, Даниел Павлоски и Теодора Зероска како вокали, Рубин Димкоски на гитара, тапанарот Филип Бурнески и Дуле Темелкоски на клавијатури. Познати се по специфичниот начин на изведба на домашните и хитовите од ex yu просторот, како и популарните светски стандарди.
Имено, звукот се базира на динамична ритмика предводена од вондредниот гитарски стил на свирење на Димкоски, следена од богатиот репертоар на удирачки елементи на тапаните, поддржани од мелодиската сигурност на клавијатурите. Вокалите на Даниел и Теодора се несекојдневно енергични за кавер бендовите.
Реакциите на оние што ги следат на настапите во нашиот град, Битола, Скопје, Крива Паланка, Крушево, Тетово, Охрид и Свети Николе, како и Врање во соседна Србија, се реакции како да биле присутни на концертна журка.
Бендот е редовно ангажиран од реномирани стопански субјекти во Македонија за збогатување на нивни прослави. Рубин Димкоски е во исто време член и на култната македонска рок група Меморија, односно ги отсвири гитарите на песните од последниот албум на бендот.
Во рамките на проектот на општина Прилеп „Од 0 до култура“, The Four ќе потсетат на вечниот сараевски шармер Здравко Чолиќ, а заедно ќе се пеат и хитовите на хрватските музички диви Јелена Розга, Нина Бадриќ, Данијела Мартиновиќ.