the day when we decided to be free..

фотографија – Шлакески Маринко

„БЕГСТВО“ (2011) – Маринко Шлакески драмски текст (извадок)

ПОРУЧНИКОТ: Секогаш сум верувал во големината на нашата армија. Сум гледал на телевизија… знаеш ли дека имаат такви авиони што…

ВОЈНИКОТ: Престани со таа твоја армија и јади, немаме многу време..

ПОРУЧНИКОТ: (во занес) Каква армија… а сепак… не можам да разберам… Уште не можам да разберам што не е во ред.

ВОЈНИКОТ: Нема што не е во ред. Сè е во ред. Зависи од која страна гледаш. За нив е совршено во ред да нè чуваат како животни во кафез и да нè дресираат и жртвуваат по потреба.
(пауза)

ПОРУЧНИКОТ:Сум читал… дека ако одиш надолу низ некаков тунел цело време, можеш да стигнеш на другиот крај на светот, знаеш?

ВОЈНИКОТ: Да, сум читал и јас.

ПОРУЧНИКОТ: Мислиш дека е таму поубаво?

ВОЈНИКОТ: Каде?

ПОРУЧНИКОТ: Таму. На другиот крај.

ВОЈНИКОТ: На другиот крај… Не знам, можеби е убаво, но… Јас сакам да ми биде убаво овде… на овој крај.

ПОРУЧНИКОТ: И јас сакам да ми биде убаво овде, на овој крај. А овде… Овде нè бркаат со хеликоптери, како кучиња…

ВОЈНИКОТ: Да…

ПОРУЧНИКОТ: А се пријавив доброволно за да помогнам… да бидам лојален. Се вложуваш целосно, а тие те оставаат на цедило и кога ќе посакаш да живееш, те бркаат како пес.

ВОЈНИКОТ: И јас се пријавив доброволно… Но… за да ме убијат…

ПОРУЧНИКОТ: Кој да те убие? Зошто?

ВОЈНИКОТ: Така едноставно, да ме убие.. било кој. За да не мора да гледам копилиња и изроди испикани во дупките на нивните пички мајчини! Овде не можеш ни да загинеш како човек. Не ти даваат. Им треба твојата мизерија и ти со неа за да ја одржуваш во живот што повеќе… Но сега веќе не! Сега не им давам да ме убијат. Затоа бегам и затоа сакам да живеам. Ама по мое.

ПОРУЧНИКОТ: По твое.. Како да живееш по твое ако бегаш?

ВОЈНИКОТ: Не знам уште, но ќе пробам. Прво да избегам..

„БЕГСТВО“ (2011) – Маринко Шлакески драмски текст (извадок)




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.