Во понеделник во Истанбул ќе се отвори најголемиот аеродром во светот. Аеродромот ќе го отвори лично претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Досега електоратот во Турција е многу задоволен од големите проекти кои никнаа ширум земјата. Особено задоволни се жителите на Истанбул каде околу Босфорот се изградени големи капитални проекти.
Тука е железницата “Мармареј” која го поврзува европскиот и азискиот дел на Истанбул, како и мостот “Јавуз Султан Селим” во должина од 2.200 метри.
Новиот аеродром во Истанбул е лоциран на 35 километри северно од градот, а неговата изградба започна во јуни 2014 година. Сега е завршена првата од вкупно четири фази на изградба.
На отварањето турскиот претседател ќе го претстави и името на новото ремек дел.
Аеродромот се простира на 76,5 квадратни километри и истиот досега Турција ја чини 10,5 милијарди евра.
За споредба аеродромот е три ипол пати поголем од оној во Франкфурт.
На почетокот се очекуваат 90 милиони патници, а во блиска иднина се очекува бројот да порасне уште повеќе и да го надмине аеродромот во Атланта каде поминуваат над 100 милиони патници годишно.